Шведскиот стратег Пер Јохансон во март годинава повторно дојде како џокер на клупата на ЧСМ Букурешт, по заминувањето на Хале Томсен и по втор пат со романскиот тим освои бронза на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите. Јохансон и лани во слична ситуација дојде како замена на клупата на ЧСМ Букурешт непосредно пред настапот на Ф4. Но, како што најави на денешната прес конференција по мечот за 3.место, неизвесно е дали ќе остане тренер на романскиот тим и во следната сезона.
Јохансон во меѓувреме ја презеде селекторската функција во женската репрезентација на Црна Гора и истакна дека таа позиција ќе има предност.
„Засега се уште не е ништо дефинирано, не знам дали ќе останам на клупата на ЧСМ Букурешт на подолг рок и во следната сезона. Прво ќе разговарам со раководните луѓе во Црна Гора бидејќи тоа ми е приоритет, а потоа ќе видиме дали ќе продолжам и во ЧСМ Букурешт. Овој тим има добра енергија и тоа се покажа на денешниот меч, победивме и среќен сум поради тоа, но за големи успеси со секоја екипа треба работа на подолг рок“ – истакна Пер Јохансон.
За потсетување, во ЧСМ Букурешт од следната сезона се селат четири ракометарки од актуелниот состав на Вардар – Андреа Лекиќ, Јованка Радичевиќ, Драгана Цвијиќ и Барбара Лазовиќ, а од романскиот тим на крајот на сеозната си заминува Изабела Гулден која ќе ја продолжи кариерата во тимот на брест Бретања во Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

