Французите му веруваат – Иван Марковски во долгорочен проект со Авенсоа 

По исклучително успешната прва сезона, Иван Марковски ја доби довербата и останува на клупата на францускиот второлигаш Авенсоа и во наредните пет години. Актуелниот договор на Марковски му завршуваше наредната сезона, но по добрите резултати и успешната соработка, направена е ревизија на договорот за реализација на еден подолгорочен проект.

Дефинитивно останувам во Франција и во Авенсоа на еден подолг период. Имав и некои други понуди, но сепак, се решив да останам овде. Ова е одлична средина, имам професионални услови за работа, добра екипи и голема доверба од раководството на клубот. Ми понудија подолгорочна соработка, се гледаме заедно во целиот тој проект. Овде исклучително се гледа квалитетот и добрата работа. Луѓето го ценат тоа, нема притисок за блиц успех, туку се работи плански чекор по чекор на долг рок и тоа и за мене е еден голем предизвик и можност за афирмација во добра средина“ – истакнува Иван Марковски.

Авенсоа под водство на македонскиот тренер заврши на осмото место во втората француска лига. Со неколкуте нови засилувања тимот за следната сезона е веќе комплетиран, а амбициите се да се задржи статусот и да се напредува од година во година.

„Дојдов на непознато, затекнав некомплетна екипа која се бореше за опстанок, но играчите добро го прифатија мојот систем, работата донесе резултат и сега продолжуваме понатаму. Се комплетираме со неколку нови ракометарки младински репрезентативки, донесовме звучни имиња и верувам дека следната сезона ќе биде уште подобра од претходната. Амбициите се во овој петгодишен период клубот да влезе во првата француска лига за што освен резултати треба да се исполнат и одредени инфраструктурни услови. За следната сезона приоритет е да останеме во лигата и ако бидеме и едно место погоре тоа чекор напред“ – вели Марковски.

Пред да замине во Франција во својот прв интернационален тренерски ангажман, Иван Марковски заедно со Александар Зарков го предводеше Еурофарм Работник и ракометната школа во Битола.

Се вчитува...