Најтрофејниот македонски клуб, ФК Вардар денеска го слави својот 71-ви роденден. Клубот со најбогата традиција во нашата земја зад себе остава повеќе од забележителна историја која дефинитивно се памети.
Но, малку од тоа очигледно е значајно за актуелното раководство на клубот на чело со сопственикот Сергеј Самсоненко кое не може да опстои ниту на оние минимални ветувања за одбележување на јубилеите на македонската фудбалска гордост.

Уште за минатата година, преку официјално соопштение, од оваа управа на Вардар најавија спектакл по повод 70-годишнината од формирањето на клубот. Минатата година се оправдуваа со мало одложување поради организацијата на УЕФА Суперкупот, најавуваа монографија, снимање и издавање документарец, изложба со фотографии, општествено одговорни акции и силен меѓународен турнир… Но, ништо од тоа: Навивачите на клубот и спортската јавност не видоа ниту монографија, ниту документарец, ниту било-каков меѓународен турнир, ниту некакво минимално одбележување.
„Како главен настан со кој требаше да се одбележи големиот јубилеј, ФК Вардар имаше во план одржување на силен меѓународен турнир, на кој учество ќе земеа еминентни фудбалски клубови од Европа. Истиот требаше да се одржи во месец јули оваа година, но, поради одржувањето на УЕФА Супер Купот на 8-ми август 2017 година, приморани сме истиот да го организираме следната година, како главен и завршен настан од многуте кои се планираат во напреварувачката 2017/18 сезона. Во контекст на горенаведеното, за достојна прослава на јубилејот, покрај организирање на силен меѓународен турнир, би сакале да ве информираме дека ќе се работи на издавање на Монографија по повод 70 години од формирањето на ФК Вардар, снимање и издавање на документарен филм, организирање на изложба со фотографии од богатата историја на ФК Вардар, голем број на општествено одговорни акции и други проекти и настани“ – соопштија минатата година од ФК Вардар. За жал, и не исполнија!
Но, наспроти тоа ниту еден од челниците на клубот не најде можност барем да се појавија и на онаа промоција на филмот за ФК Вардар, изработен од српска продукција, а на идеја на поранешниот македонски новинар Живко Здравковски.
А, сега веќе, по оној дебакл од Пјуник во првото квалификациско коло од Лигата на Европа, тешко веќе и на некого му е до славје!

Како и да е, како уште едно мало потсетување. ФК Вардар е формиран на 22. јули 1947 година, по фузијата на двете спортски друштва, Македонија и Победа, со цел главниот град Скопје да добие моќен спортски колектив кој масовно ќе го промовира и развива спортот. На основачкото собрание било одлучено негова боја да биде сино-белата, како што ќе биде и бојата на знамето на друштвото, за да веќе на следното Собрание одлучено е сепак бојата на друштвото да биде „црвено-бела“. Се до 1963 година бојата на СД Вардар, а со тоа и на ФК Вардар била црвено-бела, за по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, да се воведе – „црвено-црната”.
Од тогаш ФК Вардар има бројни успеси, и како шампион на поранешна СФРЈ со златната генерација од 1987 година, и потоа како најтрофеен македонски клуб во независна Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

