Мирчевски: Секој играч ќе го даде максимумот против Вардар, како подготовка за финалето во Купот

Со пласманот во финалето на Купот, Силекс ја оствари својата цел откако стана јасно дека тимот од Кратово нема да дојде до третата позиција на табелата во ПМФЛ.

На кратовскиот тим сега му останува да ги доигра само уште трите натпревари во првенството, а целиот фокус е кон трофејот во Купот и финалето против тетовска Шкендија.

Денеска кратовскиот тим му гостува на Вардар. И покрај тоа што бодовите не се императив, од Силекс велат дека нема да играат ништо поразлично од досега, односно дека ќе одат на добар резултат.

„Во првиот дел од полусезоната освоивме доволно бодови за во вториот да играме доста растоварено. Против Вардар нема да биде ништо поразлично. Единствена цел на Силекс е сега преку Купот да се обезбеди Европа. Секој играч ќе го даде максимумот против Вардар, а дали ќе биде доволно ќе видиме. На секој натпревар одиме на три бода, и така ќе биде и сега. Немаме намера да го смениме пристапот и денеска. Секако дека го цениме тимот на Вардар, лидер на табелата кој се наоѓа пред освојување на титулата, на нас останува само да играме наша игра. Овие натпревари сега ќе ни послужат како подготовка за финалето на Купот, и се надевам дека таму ќе дојдеме до трофејот“, изјави напаѓачот на Силекс, Мартин Мирчевски.

Се вчитува...