Дејан Манасков ја почнува својата втора сезона во унгарскиот Веспрем со признание од навивачите како најдобар играч за минатата сезона и со јасно зацртана цел за претстојната.
Лани Веспрем ја загуби шампионската титула во Унгарија од ПИК Сегед, а не успеа ни да обезбеди пласман на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите.
„Ќе биде долга сезона. Се уште е рано да се каже нешто повеќе. Треба да бидеме подобри од лани. Тоа е прва и примарна цел. Треба да ја освоиме шампионската титула и Купот во Унгарија и да играме на Ф4 во Лигата на шампионите. Нема да биде лесно, но ќе мора да го сториме тоа. Се надевам дека ќе ги оствариме нашите цели во следната сезона. Ако се подготвиме добро и ако играме добро како што игравме во првите три месеци лани, може да го оствариме тоа“ – истакнува Дејан Манасков во интервјуто за клупскиот сајт.
Македонскиот репрезентетивец во Веспрем дојде од рајн Некар Левен на почетокот од ланската сезона. Со својата брзина, прецизност и динамичен стил на игра, Манасков брзо стана миленки на публиката, но и еден од играчите на кои смета тренерот Љубомир Врањеш. Мансков ја продолжи соработката со унгарскиот тим со нов двегодишен договор, а од навивачите го доби признанието играч на сезоната и наградата „Карлос Перез“ за 2018 година.
„Прекрасно е да дојдеш во голем клуб како Веспрем со многу врвни играчи и да ја освоиш оваа титула. Горд сум со ова признание и за мене тоа е уште поголема мотивација да работам напорно и да му помогнам на тимот да биде уште подобар. Сакам да ја освојам Лигата на шампионите со Веспрем бидејќи знам колку е тоа важно за клубот и за навивачите. Сакам да бидам дел од тимот што ќе ја прослави првата титула за Веспрем во ЛШ“ – вели Манасков.
Во претстојната сезона во ЛШ, Манасков и Веспрем меѓу другото ги очекува и едно гостување во Скопје, против Вардар во натпреварите од Групата А во која се уште и Кјелце, Барселона, Мешков Брест, Монпелје, Кристијанштад и Рајн Некар Левен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА