Четири официјални кандидатури за нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија се пристигнати до последниот рок утврден од УО на ФФМ пред Изборното Собрание закажано за 1. септември.
Влатко Костов, Вујадин Станојковиќ, Сашо Тасев и поранешниот претседател на ФФМ, Харалампие Хаџи-Ристески се четворицата кандидати кои ќе „бијат битка“ за претседателската функција по повлекувањето на Илчо Ѓорѓиоски кој изминативе шест години беше прв човек на македонскиот фудбал.
Костов е кандидат на ОФС Тетово, Станојковиќ како кандидат на ОФС Куманово, Тасев кандидиран од страна на ОФС Кавадарци и Хаџи-Ристески како кандидат на ОФС Неготино. Три нови лица во трката за прв човек и Хаџи-Ристески кој претходно десет години го водеше македонскиот фудбал, а беше наследен токму од Ѓорѓиоски.
На 13. август од страна на Комисијата за избор при ФФМ треба и официјално да бидат потврдени четирите кандидатури по што ќе биде познато дали сите четворица ќе се најдат во изборната трка на 1. септември.
Како што е познато, Илчо Ѓорѓиоски на крајот од изминатиот месец ја информираше јавноста дека се повлекува од претседателската функција на ФФМ притоа продолжувајќи ја својата кариера во УЕФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА