Иван Чупиќ не го криеше разочарувањето откако Вардар не успеа да стигне до билет за Ф4 во ЕХФ Европската лига, откако „црвено-црните“ вечерва славеа над Монпелје, но недоволно за да се надополнат оние „минус десет“ од првиот натпревар во Франција.
Стратегот на „вардарци“ мора да биде задоволен од покажаниот карактер на својот тим, воедно и потенцираше дека лекцијата научена од овој двомеч ќе биде добредојдена за настапите во ЛШ наредната сезона.
„Им честитам на ракометарите на Монпелје за пласманот на Ф4 бидејќи заслужено се пласираа таму. Одигравме одлично на денешниот меч, но не чинеше тој слаб натпревар во Франција. Верувавме во чудо, но за жал тоа на крајот не се случи. Ова е лекција за сите нас од која многу научивме за следната сезона во Лигата на шампионите“, истакна Чупиќ.
Голманот Валах ја искористи можноста на прес-конференцијата да им се заблагодари на навивачите за фантастичната атмосфера.
„Беа подобри од нас во овој двомеч и заслужено се на Ф4. Имавме добар резултат во вечерва и знаевме дека мораме да одиграме перфектно, но тоа не беше доволно. Им се заблагодарувам на мојот тим и на оваа прекрасна публика“, порача Валах.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
