Победа и Академија Пандев отворија победнички, пенал – реми во Кратово

Силекс и Шкупи ремизираа 1-1 во Кратово во најинтересниот дуел од денешната програма, во рамките на првото коло од новата сезона во Првата фудбалска лига на Македонија. Победа славеше против Беласица со 1-0, а Академија Пандев дојде до стартен триумф од 2-1 против Македонија ЃП.

Кратовскиот прволигаш поведе со голот од пенал на Луис Парфаит во 34.минута. Шкупи дополнително си го отежна ова гостување по црвениот картон на Ермедин Адем во 60.минута, но десет минути подоцна тимот од Чаир сепак израмни. Баже Илијоски исто така со удар од белата точка донесе бод за Шкупи.

Победа победнички ја стартуваше новата сезона. Кириан Чиназорм во 70.минута беше стрелец на погодокот за стартни три бода за прилепскиот тим.

На стадионот „Кукуш“ во Турново, Академија Пандев во последните моменти стигна до триумфот од 2-1 против новиот прволигаш Македонија ЃП. Ѓорѓи Стоилов го доведе домашниот состав во водство во 42.минута, но „лавовите“ одговорија на самиот старт од второто полувреме со голот на Дејан Тантуровски. Сепак, Љупчо Дориев со гол од пенал во судиското продолжение донесе конечна радост за „пандевци“.

Новиот шампионат беше отворен вчера, со воведните два меча. На дербито во Тетово, Шкендија и Вардар одиграа 2-2. Работнички загуби на домашен терен од Ренова со 3-4, во дуел со дури седум гола.

 

ПРВА ЛИГА – РЕЗУЛТАТИ, 1.КОЛО

СИЛЕКС – ШКУПИ 1-1

ПОБЕДА – БЕЛАСИЦА 1-0

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – МАКЕДОНИЈА ЃП 2-1

ВЧЕРА

ШКЕНДИЈА – ВАРДАР 2-2

РАБОТНИЧКИ – РЕНОВА 3-4

Табела: Ренова 3, Академија Пандев 3, Победа 3, Вардар 1, Шкупи 1, Шкендија 1, Силекс 1, Работнички 0, Македонија ЃП 0, Беласица 0.

Се вчитува...