Дуелот во Супер купот што се игра в сабота во Струга ќе биде првата пресметка меѓу Вардар и Металург во новата сезона. Но, на два дена пред натпреварот останува неизвесно дали шампионот и вицешампионот ќе ги видиме во најдоброто издание или во редуциран состав. Проблем се парите што клубовите треба да ги платат во РФМ за лиценците на странските играчи во висина од по 1.000 евра за секој странец во составот.
Во согласност со пропозициите двата клуба добиле известување од РФМ дека обврските ќе мора да ги подмират до петок и дека во Супер купот ќе може да играат само со лиценцирани играчи.
Од РФМ велат дека тоа е стандардна процедура како и секоја година и дека нема отстапување.
Од клубовите пак бараа „разбирање за ситуацијата“. Од Металург веќе најавија дека не е исклучена можноста во Супер купот да настапат само со домашни играчи без Халил Јагањац, Анте Токиќ и новите засилувања Андрија Миличевиќ, Предраг Мијатовиќ и Арбер Ќерими.
Металург со подготовките за новата сезона стартуваше пред десет дена и екипата на Супер купот ќе патува директно од Маврово и ноќта после натпреварот играчите ќе се враќаат во Скопје. Од Управата посочуваат дека не биле консултирани за терминот на одржување на Супер купот кој не им се вклопува во планот на подготовките и им носи дополнителни трошоци.
Вардар има четири нови странски засилувања (Сергеј Горбок, Дмитри Кисељев, Сташ Скубе и Дејан Милосављев) со кои сега во ростерот има 11 странци без Тимур Дибиров кој има и македонски пасош. Од шампионот најавиле дека ќе ги подмират обврските во дадениот рок, до утре. Во спротивно и тие во Струга ќе настапат во редуциран состав.
Натпреварот меѓу Вардар и Металург во Супер купот ќе се одигра в сабота со почеток во 21 часот во Струга, како дел од целата манифестација на традиционалниот струшки ракометен турнир.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА