Ракометарите на Вардар загубија од Мешков Брест со 22-32 во вториот натпревар на Европскиот турнир во Стразбур. По ремито на првиот дуел против ПСЖ вчера (33-33), вардарци и во вториот дуел на силниот турнир во Франција, не успеаја да запишат победа. На овој натпревар макеоднскиот шампион настапи без капитенот Стојанче Стоилов кој на дуелот со ПСЖ доби скршеница на дланката и го очекува неколку неделна пауза. Поради повреда во составот на Вардар за овој турнир го нема ни средниот бек Игор Карачиќ. Со преполовен тим Роверто Парондо се обиде да извлече максимум од она што го има на располагање, но со сите „дупки“ во составот и осцилации во играта Вардар беше далеку од позитивен резултат.
Белорускиот шампион кој сега од клупата го предводи искусниот шпански тренер Маноло Каденас, и во овој претсезонски дуел покажа дека е незгоден противник за вардарци.
„Црвено-црните“ поведоа со 2-1 и одржуваа минимална предност во првите десетина минути. На средината од полувремето, Мешков Брест постигна два гола во серија поведе до 5-7 и до крај на првиот дел го диктираше темпото. Вардарци беа деконцентрирани во финишот на полувремето, а Мешков Брест ја искористи својата шанса, врза три гола по ред и се одлепи на +5 (8-13).
Проблемите за Роберто Парондо и за Вардар продолжија и во второто полувреме. Белорускиот тим ја продолжи ефикасната серија со уште четири погодоци по ред и поведе со 8-17. По шест минути без гол во вториот дел, вардарци конечно успеаја да го постигнат деветиот погодок, а вкупно 40 минути им беа потребни да стигнат до двоцифрен број голови (10-19), а на Мешков Брест за двоцифрена предност малку потоа (20-10).
Со сигурни девет гола разлика, белорсукиот тим влезе и во последната четвртина (14-23). Во продолжение, вардарци само да ја намалат негативата (18-26), сепак во финишот Мешков Брест одново го имаше главниот збор и на крај славеше убедлива двоцифрена победа.
Во вториот натпревар на турнирот во Стразбур вечерва, Монпелје го победи Веспрем со 30-26.
Утре е завршен ден на турнирот на кој ќе се играат мечевите за пласман. Вардар во последниот натпревар ќе игра против Нант за избегнување на последното место. Во финалето ќе се сретнат Монпелје и ПСЖ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

