Жарко Пешевски со Мотор Запорожје го освои победничкиот пехар на турнирот „Днепар Куп“. Во финалниот натпревар, украинскиот тим славеше против Кјелце со 32-29 и му се реваншира на полскиот шампион за минатонеделниот пораз во финалето на „Шчипиорно Куп“. Ова беше прв пораз на Кјелце летово, откако полскиот првак се засили со Лука Циндриќ од Вардар и со уште неколку квалитетни засилувања.
Во новата пресметка Мотор Запорожје доминираше во текот на целиот натпревар против европскиот шпампион од 2016. Украинскиот тим по првото полувреме имаше предност од 17-15, а потоа ја задржа позитивата до крај и го освои победничкиот пехар со максимални три победи. Во првиот натпревар, Мотор беше поуспешен од СКА Минск (35-30), а потоа славеше и против ПИК Сегед (28-26).
Следен предизвик за Пешевски и за неговиот нов клуб ќе биде натпреварот против ЗТР на 2 септември во Супер Купот на Украина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА