Вардар ги освои бодовите во првата пресметка со Металург од новата сезона во регионалната СЕХА лига (34-28), но „металурзи“ во погиолем дел успеваа достојно да му парираат на многу поискусниот противник. Овој натпревар беше и официјално деби на Данило Брестовац на клупата на Металург. Тој по натпреварот истакна дека е задоволен од играта на својот тим, нагласувајќи дека треба уште време за тимот да влезе во вистински ритам.
„За овој краток период откако сум со екипата, јас сум задоволен. Не сум волшебник да направам нешто многу за толку кратко време. Играчите треба да се навикнат на мене и јас на нив. Задоволен сум од нивната игра, се бореа колку што можеа. За мене ова е прв официјален натпревар за разлика од Вардар кој одигра повеќе дуели во овој период и се гледа дека нивната игра е на повисоко ниво. Сепак можам да кажам дека добро париравме во одреден дел од натпреварот“ – истакна Данило Брестовац.
Следниот натпревар во СЕХА лигата, Металург го игра на 5 септември на гостински терен против Мешков Брест.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА