Светската Анти-допинг агенција го предупреди руското тело задолжено за допинг да ги сподели сите податоци кои ги поседува или ќе се соочи со продолжување на суспензијата на атлетичарите од земјата. Забраната за настапи на руските атлетичари беше воведена во 2015 година кога беше констатирано дека имало државно спонзорирано менување на допинг резултатите. И руската Анти-допинг агенција е под суспензија бидејќи по избувнувањето на скандалот, нејзините резултати не се признаваат.
Најавите се дека суспензијата ќе биде повлечена на состанокот на ВАДА в четврток откако телото за разгледување жалби препорача кревање на забраната. Русите мора до строго определениот термин да ги предаат сите наоди од лабораторијата во Москва. Во соопштение светската анти-допинг агенција го дообјаснува случајот кој сепак можеби е далеку од разрешница.
„На состанокот на ВАДА суспензијата на руската Анти-допинг агенција би можела да биде повлечена. Но, да бидат избегнати двоумењаа, вториот услов мора да биде исполнет. Тоа значи да бидат предадени сите наоди од московската лабораторија и да бидат прегледани од независни експерти“ – стои во соопштението од ВАДА.
Министерот за спорт испратил писмо до Светската Анти-допинг агенција во кое наводно вели дека Русија ги прифаќа двата преостанати услови кои се обврзани за повлекување на суспензијата. Најголеми реакции против потенцијалното решение на ВАДА за прекинување на суспензијата очекувано доаѓаат од американската Анти-допинг агенција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА