Кире Лазаров: Нант е вистински избор за мене, а по кариерата…

Кога ракометар на истек на договор ќе има 39 години, а клуб што е актуелен европски вицешампион ќе му понуди и ќе потпише со него нов двогодишен договор, јасно е дека во него има не само искуство, туку и квалитет, за да продолжи да доминира на терените ширум Европа. Тоа е Кире Лазаров, македонскиот „бомбардер“ кој со години наназад е вистинска напаст за голманите, урна бројни рекорди на клупски и репрезентативен план, а со потписот на новиот договор ќе продолжи да го носи дресот на Нант до 2021 година.

„Кога решив да заминам од Барселона го избрав Нант и тоа беше одличен избор. Земја на ракометот, нов менталитет, нов јазик, систем, целосно ново ракометно искуство. Мене ми е многу мило што во овие 18 месеци стекнавме меѓусебна почит и доверба со сите во клубот, па продолжувањето на соработката беше неминовно. Имав континуитет и во другите клубови и земји каде што настапував, мило ми е што тоа се случи и со Нант“ – вели Лазаров во разговор за „Екипа“.

Ланската сезона беше многу успешна за овој клуб, предводени од Лазаров ракометарите на Нант во полуфиналето од ЛШ го елиминираа дрим-тимот на ПСЖ, но во битката за тронот беа поразени од Монпелје. Сепак, самиот пласман во големото финале претставува историски успех за оваа екипа.

„Се надевам на успеси и во наредниот период како што тоа беше случај во историската ланска година за Нант. Би било одлично до истекот на новиот договор да ги освоиме сите можни трофеи кои се во игра во Франција. Лани го кренавме пехарот во Супер-купот, сега ни останува уште француското првенство, купот и лига-купот на оваа земја. Конкуренцијата е голема, лигата од година во година е се поквалитетна, сигурно нема да ни биде лесно, но ќе сториме се за да освоиме уште некој трофеј. Исто така, ќе бидеме тврд орев и во ЛШ во наредните сезони, сигурно ќе се носиме рамноправно со најдобрите клубови во Европа“ – оптимист е македонскиот ас.

Нант има традиција големите асови да ги задржува во клубот и откако ќе ја завршат кариерата, како што е случајот со Алберто Ентрериос. Лазаров засега не размислува за такво нешто, бидејќи пред себе има нови играчки предизвици.

„Рано е да се зборува за такво нешто. Имам повеќе идеи во главата што би сакал да работам по кариерата, но за мене најважно сега е најпрофесионално да го одработам договорот бидејќи очекувањата се големи“ – потенцира Лазаров.

Тој во последните години неколку пати изразуваше желба пред крајот на кариерата да одигра барем една сезона во македонскиот клуб. Како што стојат работите, тоа тешко дека ќе се реализира, со оглед на фактот дека по истекот на новиот договор со Нант, Лазаров ќе има наполнето 41 година. Тој сепак не ја отфла можноста, доколку во Македонија се создаде сериозен проект на стабилни основи.

„Јас како човек сум амбициозен професионалец и би се нафатил да работам на сериозни долгорочни и амбициозни проекти со квалитетен тим и луѓе“ – порачува Кире Лазаров, за крај на разговорот за ЕКИПА.

 

Се вчитува...