Актуелниот првак Шкендија го запоседна врвот на табелата во Првата фудбалска лига пред репрезентативната пауза, а сега сака да го сочува, и по можност да ја зголеми разликата во однос на конкурентите, до крајот на есенскиот дел од шампионатот. Во денешното 15.коло, тимот на Ќатип Османи на домашен терен го пречекува Силекс и очекува три нови бода. Иако без Бесарт Ибраими и Стенио Жуниор, кои беа оперирани во текот на оваа пауза, без долго отсутниот Марјан Радески, составот на Шкендија има капацитет за да оствари нов триумф. Тренерот Ќатип Османи се надева дека тимот ќе одговори на вистински начин.
„Работевме напорно во оваа мини – пауза и очекувам да бидеме на потребното ниво против Силекс“, вели тренерот на Шкендија.
Шкупи го совлада Вардар во минатото коло, што секако ја зголеми самодовербата кај тимот од Чаир, кој многу лошо го стартуваше првенството. Сега желбата е да се продолжи во победнички ритам, а Шкупи гостува во Ѓорче Петров.
„Големи се нашите очекувања од натпреварот со Македонија Ѓорче Петров. Како екипа одиме во Ѓорче со позитивна атмосфера од последниот натпревар, во кој го победивме Вардар со 1-0. Иако досега не успеавме да оствариме ниедна победа на гостински терен, мислем дека дека сега е време да направиме добар резултат на гости и да се радуваме на нови три бода. Самата победа против Вардар беше голем потстрек за тимот, и тоа се чувствуваше низ целата недела на секојдневните тренинзи. Затоа сметам дека оваа позитивна атмосфера треба да се пренесе и на денешниот натпревар. Всушност, не очекуваат четири натпревари за десет дена. Мислам дека сме подготвени за последниот спринт во есенскиот дел на првенството“, вели Тони Типуриќ, првотимецот на Шкупи.
Ќе биде интересно и во Струмица, каде Беласица ќе го пречека составот на Победа. Во Турново, тимот на Академија Пандев ќе биде домаќин на Победа, а на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари се игра дербито на колото меѓу Вардар и Работнички.
ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 15.КОЛО (13 часот)
ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ
ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС
АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ПОБЕДА
МАКЕДОНИЈА ЃП – ШКУПИ
БЕЛАСИЦА – РЕНОВА
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

