Брегалница во денешното второлигашко дерби ќе го пречека тимот на Шкендија Арачиново, во пресметката на двете водечки екипи на табелата која би можела да го реши патникот во елитното друштво.
Штипјани во пресрет на овој суперзначаен натпревар испратија апел до своите навивачи, на спортски начин да ги бодрат фудбалерите на Брегалница, без провокации кон гостите од Арачиново.
„ФК Брегалница Штип упатува искрен апел до сите присутни на натпреварот, да дадеме пример за фер, спортско и достоинствено навивање, во духот на спортот, почитта и заедништвото.
Фудбалот е игра што обединува, а трибините треба да бидат место каде се слави спортот, а не простор за навреди, дискриминација, говор на омраза или каков било облик на насилство.
Апелираме до сите:
Да навиваат со срце, но со почит кон противникот;
Да се воздржат од национални, етнички, верски и било какви дискриминаторски пораки;
Да не поттикнуваат тензии, инциденти и несакани ситуации;
Да покажеме дека Штип и Брегалница се симбол на спортска култура и достоинство.
Нашиот клуб отсекогаш се залагал за спортски вредности, фер-плеј и меѓусебна почит. Заедно да создадеме позитивна атмосфера и да испратиме силна порака дека фудбалот е празник за сите.
Да навиваме гласно за Брегалница, но достоинствено и спортски.
Со почит,
ФК БРЕГАЛНИЦА ШТИП
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
