По инцидентот кој се случи денеска на стадионот „Младост“ во Струмица по завршувањето на првенствениот натпревар меѓу Беласица и Ренова со своја реакција преку официјално соопштение се огласија од ФК Ренова од каде потенцираат дека нивните фудбалери се тие кои се нападнати, пред се од страна на домашниот фудбалер Зоран Балдовалиев.
Од ФК Ренова повикуваат ФФМ да ги испита целиот случај како и скандалозното судење на судиската тројка, но и притисоците од домашните кои не бирале средства како да дојдат до бодовите.
Реакцијата од ФК Ренова ви ја пренесуваме во целост:
Денеска ФК “РЕНОВА АД” беше :
- ОГРАБЕНА ( во фудбалски смисол на зборот ) ОД СУДИСКАТА ТРОЈКА
- ФИЗИЧКИ НАПАДНАТА ОД НЕКОЛКУ ДОМАШНИ ФУДБАЛЕРИ и НЕСЛУЖБЕНИ ЛИЦА ВО ПОТРИБИНСКИОТ ПРОСТОР НА СТАДИОНОТ
1. Во однос на грабежот на 3 бода од страна на судиската тројка можеме само да укажеме на следново :
- Според нас , домашната екипа постигна нерегуларен 1 ( прв ) гол и кукавички 2 ( втор ) гол. ( Првиот гол на домашните не е гол бидејќи топката не го има поминато гол линијата со целиот свој обем или пак тешко може да се утврди истото додека вториот гол на домашните е постигнат кукавички односно во спротивност со фер-плеј играта ). Исто така црвениот картон доделен на нашиот фудбалер Ненад Мишковски е престрого доделен односно главниот судија наседна на глумата на домашниот фудбалер.
- Во однос на точката 2 можеме со жалење да констатираме дека по завршувањето на натпреварот (во подтрибинскиот простор) нашите фудбалери беа нападнати од неколку домашни фудбалери (тука пред се предњачеше фудбалерот со број 28 Зоран Балдовалиев кој е главниот иницијатор на инцидентот) како и од неколку неслужбени лица.
Пред натпреварот знаевме дека ФК “БЕЛАСИЦА АД” се наоѓа во незавидна положба и дека бодовите им се потребни (кому нему се потребни) но и ФК “РЕНОВА АД” пред неколку кола се наоѓаше во слична или можеби уште потешка ситуација , но за разлика од ФК “БЕЛАСИЦА АД” , ФК “РЕНОВА АД” излезе од резултатската криза со сопствен труд и чесно (односно на зелениот терен) а не кукавички, неспортски и насилнички.
Сега очекуваме од разните структури на ФФМ да превземат соодветни и праведни одлуки.
Како прво, БАРАМЕ Судиската комисија на ФФМ да ја прегледа касетата и да ја оцени чудната и пред се сомнителната судиската арбитража на судиската тројка на чело со Стојчевски И. особено спорните моменти ( при првиот и вториот гол на домашните како и престрого доделениот црвен картон на нашиот фудбалер Мишковски Н. ).
Како второ , БАРАМЕ , Дисциплинската комисија на ФФМ по пријава на Комисијата за натпревари или делегатот на натпреварот да покрене дисциплинска постапка против ФК “БЕЛАСИЦА АД” за слаба организација односно присуство на неслужбени лица во потрибинскиот простор на стадионот при што дојде и физичкиот напад врз нашите фудбалери (од страна на тие неслужбени лица).
Во зависност од Одлуките на структурите на ФФМ , ФК “РЕНОВА АД” во наредниот период ќе излезе со друга РЕАКЦИЈА при што не се исклучува можноста клубот да достави и докази за кражбата (на бодови) на овој натпревар но и на останатите натпревари од сегашното (и на претходнит ) првенства.
Со почит, ФК “РЕНОВА АД”
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА