Одличниот Кевин Дурент беше моторот на Голден Стејт во победата од 129-110 над Лос Анџелес Клиперс во шестиот натпревар од серијата од првото коло во НБА плеј-офот со кој актуелниот шампион го добива дуелот со 4-2 во победи и обезбедува пресметка со Хјустон за пласман во Западното финале.
Дурент постигна 38 поени во првото полувреме и се израмни со Чарлс Баркли на втората позиција во НБА историјата споед бројот на постигнати поени во прво полувреме од плеј-оф натпревар. Рекордот е 39 поени.
Дурент вкупно постигна 50 поени, погоди шест тројки, а ги уфрли и сите 15 слободни фрлања. Стеф Кари имаше 24 поени, а Дрејмонд Грин заврши со трипл-дабл од 16 поени, 14 скока и 10 асистенции. Кај ЛА Клиперс, Данило Галинари постигна 29 поени, Патрик Беверли имаше дабл-дабл ефект од 11 поени и 14 скока.
Голден Стејт и Хјустон, полуфиналната серија подобар од седум, која е реприза на ланското западно финале ќе ја почнат веќе в недела. Бранителот на титулата кој заврши на првото место во конференцијата по регуларниот дел ќе ја има предноста на домашен терен.
Само уште една двојка од конференциските полуфиналиња не е формирана. Портланд го чека победникот од најнеизвесната серија во првото коло меѓу Денвер и Сан Антонио. Резултатот е 3-3, мајсторката е закажана за вечерва кога почнуваат и полуфиналињата на Исток меѓу Милвоки и Бостон и Торонто и Филаделфија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА