Платини пуштен на слобода – бил приведен како сведок, не како осомничен

Мишел Платини од доцна синоќа повторно е на слобода откако поранешниот претседател на УЕФА беше пуштен од страна на француските власти по испрашувањето што траеше повеќе од 12 часа.

„Сега се е зад мене“ – кратко изјави Платини за медиумите по излегувањето од притвор, а неговиот адвокат Вилијам Бурдон обелодени повеќе детали.

„Не се работи за апсење, како што беше пишувано цел ден од медиумите. Мишел Платини беше задржан и испрашуван како сведок во случајот, не како осомничен“ – истакна Бурдон.

Во текот на вчерашниот ден беше обелоденето дека  Платини е испрашуван за ручекот со поранешниот француски претседател Николас Саркози, на кој бил присутен и катарскиот емир. Токму на тој состанок е сменет ставот на Платини, кој наместо на САД, потоа во гласањето поддршката за СП 2022 ја даде на Катар, а неколку месеци подоцна и катарски газди го купија францускиот прволигаш ПСЖ.

Се вчитува...