Американките владеат со светскиот фудбал

Репрезентацијата на САД е новиот светски првак во фудбал, откако во големото финале беше совладана Холандија со 2-0. Американките во голем стил стигнаа до титулата, постигнувајќи 26 гола на Мундијалот што се одржуваше во Франција, што е апсолутен рекорд на светските шампионати за жени.

Триумфот е апсолутно заслужен ако се земе во предвид фактот дека Американките доминираа цел натпревар, создадоа бројни шанси и на крајот се искачија на тронот. Холандија умешно се бранеше се до 60. минута, кога Ван дер Грат изреагира почетнички и ја фаулираше Алекс Морган во шеснаесетникот. Судијката најпрвин покажа корнер, но по прегледување со ВАР оправдано ја смени одлуката и досуди пенал што Рапино го претвори во водечки погодок. Дилемите околу победникот беа разрешени во 69. минута, кога Лавел по еден одличен соло-продор со прецизен удар од работ на шеснаесетникот го запечати големиот триумф.

За САД ова е четврта титула светски првак во женски фудбал, додека Холандија остана без круна на светската сцена.

 

Се вчитува...