Двајцата тениски великани, Роџер Федерер и Рафаел Надал, денеска се очекува да одиграат нов меч за паметење во меѓусебната пресметка во полуфиналето на Вимблдон. Ова ќе биде 40. пат Надал и Федерер да си ги одмерат силите. Неверојатно делува податокот дека нивниот последен меч во „Ол ингланд“ клубот тие го играа пред 11 години, кога во финалето Надал за првпат го симна од вимблдонскиот трон Федерер во епскиот меч кој траеше нешто помалку од пет часа со 3-2 во сетови (6-4, 6-4, 6-7, 6-7 и 9-7).
Неколкупати натпреварот беше прекинуван поради дожд, а Надал до победата стигна неколку минути по девет часот кога и видливоста веќе не беше најдобра бидејќи таа 2008 се уште не беше поставен кровот на Централниот терен, на кој немаше ниту рефлектори. Тоа беше трето по ред „Федал финале„ на Вимблдон, но претходните две Роџер успеваше да ги добие и да го задржи тронот како на Вимблдон, така и на АТП листата. По победата на Надал дојдоа нови промени во светскиот тенис. Федерер беше симнат од првото место по четири години или вкупно 237 седмици, а се појави и Новак Ѓоковиќ, кој во иднина покажа дека може да биде вклучен во битката за најдобар на сите времиња.
Во меѓусебните дуели Рафа има предност од 24-15, а ја доби и последната битка против Федерер, годинава на Ролан Гарос, откако на неговиот омилен „Филип Шатрие“ беше убедлив против Швајцарецот со 3-0 (6-3, 6-4 и 6-2).
Мечот на „Централниот терен“ на Ол ингланд клубот ќе почне веднаш по првото полуфинале меѓу Новак Ѓоковиќ и Роберто Баутиста Агут кое е со почеток во 14 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА