СЕХА ја пополни листата – последниот билет за Татабања

Унгарија исто така ќе има две екипи во СЕХА-лигата наредната сезона откако челниците на СЕХА решија последниот билет за натпреварување да му го доделат на тимот на Татабања. Иако до последно постоеше шанса за СЕХА да се прошири до Грција со учество на Олимпијакос, сепак на крајот изборот падна на Татабања, тим што заедно со Веспрем ќе ја претставува Унгарија во регионалното ракометно натпреварување.

Како што е веќе познато, учество во сезоната 2019/20 ќе зема и кинескиот тим Универзитет Пекинг, кој своите натпревари како домаќин ќе ги игра во Хрватска. Иако постоеја најави дека Мотор поради политички причини нема да се натпреварува, украинскиот првак сепак се најде на финалната листа на СЕХА од 12 учесници за новата сезона.

Како што е добро познато, екипите од оваа сезона ќе бидат поделени во две групи. Вардар ќе биде носител на групата А, во која ќе учествуваат уште и Нексе, Татран Прешов, Војводина, Татабања и Мотор. Во групата Б ќе се најде македонскиот вицепрвак Работник, заедно со европскиот вицешампион Веспрем, како и со екипите на Загреб, Брест Мешков, Металопластика и Универзитет Пекинг.

Натпреварите од новата сезона ќе стартуваат на 3 септември, а распоредот за првото коло ќе биде дополнително објавен.

Се вчитува...