Новото засилување на Охрид, Данило Мијатовиќ, го оствари врвот на кариерата откако стана европски првак во „три на три баскет“, стигнувајќи до златен медал со селекцијата на Србија на шампионатот што се одржуваше во Унгарија.
Мијатовиќ низ годините беше редовен учесник на елитните турнири во „три на три“, што му донесе и место во српскиот национален тим за овој шампионат, во екипа со Душан Домовиќ – Булут, Марко Савиќ и Дејан Мајсторовиќ.
Србија ја одбрани европската круна откако денеска забележа три победи, во четвртфиналето ја декласираше Украина со 21-12, потоа во полуфиналето по голема битка триумфираше над Литванија со 20-19, за во големото финале да ја победи и Франција со 21-18.
Поранешниот кошаркар на Блокотехна, МЗТ Скопје и на Куманово токму поради овој настап не се појави на стартот на подготовките на Охрид, но во следните неколку дена ќе му се стави на располагање на тренерот Илиевски. Нема сомнеж дека Мијатовиќ ќе биде клучен играч на Охрид во новата сезона, во која овој тим ќе атакува на висок пласман во домашното првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

