Големата „ѕвезда“ на НБА-лигата, Каваи Ленард, се соочува со сериозни семејни проблеми откако неговата сестра беше уапсена од полицијата под сомнение за убиство и грабеж.
Американските медиуми открија дека сестрата на Ленард, Кимеша Монае Вилијамс со уште една жена во тоалет од казино во Лас Вегас ја нападнале 88-годишната Афаф Анис Асад. Нанесувајќи и удари во пределот на главата, сестрата на Ленард и пријателката воедно и ја украле ташната во која имало околу илјада долари.
Инцидентот се случил на 31 август, а двете осомничени се уапсени на 3 септември. Еден ден подоцна повредената Анис Асад подлегнала на повредите.
Обвинителството поради семејната поврзаност на Кимеша со големата НБА-ѕвезда инсистира судот да не дозволи излегување од затвор со кауција, потенцирајќи дека „таа има богато семејство што без проблем може да издвои и над еден милион долари“.
Каваи Ленард лани го предводеше Торонто до титулата во НБА-лигата, а летово се пресели во таборот на ЛА Клиперс потпишувајќи тригодишен договор за вкупна сум од 103 милиони долари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА