Аргентина ќе биде противникот на Шпанија во финалето на Светското првенство во Кина, откако во вториот полуфинален меч и одржаа лекција на индиспонираната Франција, совладувајќи ја со 80-66.
Искусниот Аргентинец, Луис Скола имаше шоу на стартот на натпреварот, реализирајќи седум од десетте поени на својата репрезентација со која „гаучосите“ стигнаа до предност од 10-2. Следуваше тајм-аут на селекторот на Франција, Коле, по кој Французите ги консолидираа редовите, за по десет минути да имаат негатива од само три поени (21-18). Втората четвртина подобро ја отворија Французите кои во 13. минута за првпат стигнаа до предност (23-24). Следуваше, тајм-аут на селекторот на Аргентинците, по кој неговите избраници повторно одиграа одлично и на полувреме заминаа со плус седум 39-32.
Шоуто на Аргентинците продолжи и во третиот период во кој погодуваа буквално од секоја позиција, а во 26. минута за првпат стигнаа до највисоките плус петнаесет (55-40). До крајот на периодот Гаучосите успеаја да ја задржат двоцифрената предност и на пауза да заминат со водство од 60-48. Во последната четвртина Аргентинците ги одбија сите напади на Французите кои највеќе успеаја да се приближат до минус осум (65-57). Аргентинците потоа предводени од Луис Скола успеаја рутински да го приведат мечот до самиот крај за конечни 80-66.
Луис Скола беше прво име кај Аргентинците уфрлајќи 28 поени, надополнети со 13 скока, а Дек додаде 13. Кај Французите Нликина и Фурние завршија со по 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

