Тренерот на Гостивар, Марјан Србиновски, е задоволен од досегашниот тек на подготовките на овој тим во пресрет на новата сезона. Гостиварци веќе одиграа три контролни средби, а по поразот на првиот меч со МЗТ Скопје следеа победи над Пелистер и над косовскиот вицепрвак Голден Игл (88-70), што уште повеќе ја крена атмосферата во тимот на Марјан Србиновски.
„Првиот дел од подготовките мина беспрекорно, а сега сме повеќе насочени на тактички план и воигрување на новите кошаркари во тимот. Пред само неколку дена го комплетиравме ростерот со потписот со Џелетовиќ, првите впечатоци се позитивни, добивме играч што добро може да покрие и на позиција пет и на позиција четири. Генерално гледано задоволен сум од игрите на овие први контролни средби, но очекувам на наредните три до четири дуели целосно да се воиграме и подготвени да го дочекаме стартот на сезоната“ – истакна Србиновски.
Гостивар лани стигна до полуфиналето во плејофот, но поранешниот македонски селектор смета дека нема потреба однапред да се поставуваат превисоки цели.
„Сметам дека составивме квалитетен тим со оној буџет што го имавме на располагање. Наша примарна цел е влез во Супер-лигата, а за се останато ќе размислуваме дополнително. Одиме натпревар по натпревар, фокусирано во обид да стигнеме до што повеќе победи за да влеземе меѓу шесте најдобри екипи во лигата. Едно е сигурно, ќе настојувам Гостивар повторно да игра убава кошарка“ – порачува тренерот на гостиварци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

