Клубовите на готовс: Кои играчи се слободни по распадот на Охрид?

Шокантна и крајно несериозна е одлуката на раководството на АВ Охрид за згаснување на клубот на само пет дена до стартот на сезоната, оставајќи ги на „улица“ тренерот и кошаркарите кои ги минаа целокупните подготовки за денеска да им биде соопштено дека проектот завршува.

Од друга страна, останатите клубови „во пет до дванаесет“ добиваат шанса да се засилат со квалитетни засилувања, со оглед на фактот дека охриѓани формираа моќен ростер со кој најавуваа атак на место во плејофот.

Данило Мијатовиќ е еден од најдобрите кошаркари во македонското првенство во последните неколку сезони. Крилниот центар до лани блескаше во дресот на Блокотехна, претходно со успех го носеше и дресот на МЗТ Скопје и на Куманово, па јасно е дека во следниот период ќе добие понуди да остане во мак-баскетот.

Македонските играчи се на цена поради правилото за домашни кошаркари, а слободни од денеска стана плејмејкерот Младеновиќ, искусниот Пенов, потоа Адем Мекиќ, центарот Штерјов, борбениот Лефкоски, како и српскиот плејмејкер Игор Мијајловиќ, член на првата шампионска генерација на МЗТ Скопје, кој потоа со успех настапуваше за уште неколку македонски прволигаши.

 

Се вчитува...