Супер-деби: Младеновиќ донесе радост во Куманово

Куманово предводен од неверојатниот Младеновиќ стигна до првата победа во годинашната сезона во Суперлигата, откако на домашен терен во трилер натпревар триумфираше над битолскиот Пелистер со 84-79 Битолчани го искористија згаснувањето на АВ Охрид и во своите редови донесоа кошаркари со кои покажаа дека ќе бидат незгоден противник на секој дуел во суперлигата.

Мечот почна израмнето во првите 10 минути се играше кош за кош, а по првата четвртина резултатот беше израмнет 17-17. Во втората четвртина гостите беа за нијанса подобри и на полувреме успеаја да заминат со предност од три поени 32-35.

Во третиот период повторно ниту еден тим не успеа да се одлепи, а домаќините успеаја да бидат подобри за два поени, а по 30. минути имаа негатива од само еден поен 55-56. Клучни беа последните десет минути во кои Кумановци одиграа феноменално во нападот и успеаја да стигнат до конечна победа од 84-79.

Најдобар поединец во победничкиот табор беше Марјан Младеновиќ со уфрлени 24 поени, надополнети со 17 асистенции и 8 скока, а одличен беше и Јанески со 24 поени. Кај поразените се истакнаа Мекиќ со 23 и Цветковски со 21 поен.

Се вчитува...