Само еден пораз беше доволен за да се наруши атмосферата во таборот на Вардар, а управата да се реши за драстичен потег. Ракометарите останале зачудени на утринскиот тренинг на „црвено-црните“, откако директорот Едуард Кокшаров им пришол и им ја сооштил одлуката тој да биде предводник на тимот на местото на Писонеро. Присутен бил и шпанскиот стратег, кому му било соопштено дека тој во иднина ќе биде асистент на новиот тренер, опција што Писонеро наводно ја прифатил.
Кокшаров досега ја извршуваше функцијата на директор во Вардар, а истовремено беше и селектор на руската репрезентација. Откако во текот на летото дополнително се зголеми руската колонија во таборот на македонскиот првак, сега Кокшаров ги обедини двете функции, од директорското место селејќи се на клупата на Вардар.
„Црвено-црните“ одлично ја стартуваа сезоната со три победи, но убедливиот пораз од Кил очигледно придонесе да дојде до потрес во таборот на актуелниот европски првак. Останува да се види како ќе функционира тимот по најновата рокада, со оглед на фактот дека следен предизвик за „вардарци“ е гостувањето против европскиот вицешампион Веспрем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА