Топ 5 тенисери на деценијата – Големата четворка и „лудиот“ Швајцарец

Со завршувањето на 2019 година се заокружува период од десет години во кој бевме сведоци на неверојатни спортски приказни. Редакцијата на ЕКИПА.МК составува листа од топ 5 тенисери кои ја одбележаа изминатата декада.

СТЕН ВАВРИНКА 

Во декада во која доминираше големата четворка во светскиот тенис, Швајцарецот успеа да освои три грен-слема, успех што не му успеало на ниту еден друг тенисер. Вавринка успеа да ги освои Австралија опен, Ролан Гарос и УС опен и тоа во финални натпревари против Ѓоковиќ и Надал, податок со кој не може никој да се пофали. Покрај трите трофеа од најсилните турнири, тој заедно со Роџер Федерер во 2014 на Швајцарија и ја донесоа титулата во Дејвис купот. 

ЕНДИ МАРЕЈ 

Првиот Британец кој по 77 години и Фред Пери успеа да слави на Вимблдон. Иако никогаш не ја достигна големината на Федерер, Надал и Ѓоковиќ, сепак во еден податок може да се пофали дека е подобар од останатите тројца. Британецот има две злата на ЛОИ во сингл конкуренција, а колку за споредба Федерер и Ѓоковиќ се уште се без златно одличје од олимписките игри. Три грен-слем титули можеби и не е голема бројка кога се во прашање најголемите тениски турнири, но самиот податок дека само тој и Вавринка во последнава деценија успеаја да освојат повеќе од еден трофеј, мора да го вметне Енди меѓу најдобрите тенисери на декадата. Поради титулата на неофицијалното светско првенство и трофејот во Дејвис купот со Британија, Мареј ја од кралицата Елизабета ја доби најголемата државна награда во Британија и беше прогласен за Сер. 

РОЏЕР ФЕДЕРЕР 

Најголемиот на сите времиња и на крајот од третата деценија се уште ги воодушевува тениските фанови ширум светот. Леснотијата и убавината со која се движи на тениските терени не може никого да остави рамнодушен и дваесет години по неговото појавување на турнирите. Можеби овие десет години не беа така трофејни како минатите за Швајцарецот, но сепак го задржа континуитетот на големите натпреварувања. Пет грен-слеми, сребрен медал на ЛОИ во Лондон и титула во Дејвис купот се статистички податоци на кои никој не може да им остане рамнодушен. Уште колку долго ќе го гледаме швајцарскиот виртуоз не е познато, но што и да се случи, треба да бидеме среќни што ја имавме таа привилегија да живееме во ерата во која популарниот Федекс создаваше „уметнички дела“ на тениските терени.

РАФАЕЛ НАДАЛ 

„Кралот на земјата“ го потврди својот прекар и во оваа деценија во која освои неверојатни осум трофеи на „Ролан Гарос“. Дебатата околу тоа кој е најдобар на сите времиња ќе остане вечно, но сигурно е тоа дека никогаш нема да биде под знак прашање кој е најдобар на земја. Покрај осумте трофеи на францускиот опен, во оваа декада освои уште пет грен-слема по кои успеа да се искачи на второто место на вечната листа со 19 трофеи од најголемите турнири. Неколку пати поради повредите голем дел од јавноста веќе го испраќаше во предвемена пензија, но Рафа се враќаше посилен од било кога, покажувајќи го тоа и во 2019 во која повторно успеа да стигне до првото место на АТП листата. 

НОВАК ЃОКОВИЌ 

Големината на Роџер Федерер и Рафаел Надал е неверојатна, но најдобар во изминатите десет години е Новак Ѓоковиќ. Србинот покажа дека и на Балканот има луѓе кои можат да доминираат во еден спорт и да му покажат на светот дека народот на овие простори знае да се занимава и со големи работи, освен со политика и да војни. Ѓоковиќ ја урна доминацијата на Федерер и Надал освојувајќи неверојатни 15 грен-слема деценијава. Подобар е во меѓусебните дуели од двајцата тенисери, а стана првиот човек кој му успеало да ги освои сите девет различни АТП Мастерс 1000 турнири. Малото момче од Белград кое сонуваше еден ден да стигне до трофеј на Вимблдонската трева, сега има пет трофеи од најголемиот турнир во светот. Новак Ѓоковиќ не е само српски тенисер, Ѓоковиќ е најголемиот амбасадор на Балканот во светот.

Се вчитува...