Националната пливачка федерација бара од Владата одлука за отворање на базените во земјава

Националната пливачка федерација денеска официјално испрати барање до водечките домашни спортски институции, но и македонската влада за отворање на базените во Македонија и повторно враќање активно на пливањето на домашната сцена.

СООПШТЕНИЕТО ОД НАЦИОНАЛНАТА ПЛИВАЧКА ФЕДЕРАЦИЈА ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Поради ситуацијата со коронавирусот спортскиот свет за прв пат се сретна со одложување на едни Олимписки игри во мирнодопско време, покрај најголемиот спортски настан Летните Олимписки Игри Токио 2020, пливачкиот спорт оваа година остана без голем број на натпревари, како критериумски за исполнување на норми за Токио 2020,така и Европското Сениорско и Младинско првенство во пливање кои се одложија односно откажаа поради коронавирусот. 

Националната пливачка федерација од почетокот на епидемијата ги следеше препораките на Министерството за здравство и кризниот штаб со што откажа голем дел од својот Календар на натпревари и целосно го наруши својот план на работа за периодот март-јуни. Во тој период имаше голем број на традиционални пливачки натпревари кои се организираат од клубовите повеќе од 15 години, како што е “Делфин Куп”, кој оваа година требаше да се организира по 16-ти пат од страна на Пливачкиот клуб Делфин од Скопје, ЛЕН натпреварот “Гран при Македонија” и за прв пат после долги години во нашата држава требаше да се одржи Младинското балканско првенство кое ќе беше од големо значење за нашиот спорт.

Со најавите за намалување на мерките и со подобрување на ситуацијата со коронавирусот во нашата држава, се надеваме дека горенаведените авторитети ќе најдат сенс за отворање на базените кои се од големо значење за пливачкиот спорт зашто тоа е единствен спорт кој не може да се практикува без отворени базени.

Во повеќе студии е наведено дека вирусот Ковид 19 не може да се пренесува во хлорирана вода, минатата недела Италијанскиот Олимписки Комитет КОНИ заедно со Министерството за спорт на Италија како една од најпогодените земји од коронавирусот направи студија според која ги рангира спортовите според ризикот на пренос на вирусот каде Ватерполото како екипен спорт, каде што во текот на еден натпревар има голем број на контакти помеѓу играчите го стави како безбеден поради хлорираната вода во базенот.

Друг проблем кој се јави со затворањето на базените а со кој се сретнуваат сите здруженија на граѓани не само клубовите, е и нивното финансиско постоење, односно доста наши тренери кои опстојуваат од самите базени се ставени во безизлезна ситуација и тоа е уште еден момент за кој сакаме да апелираме до Министерството за здравство, Кризниот штаб и до сите одговорни институции за што побрзо отварање на базените.

Воедно пливањето влијае позитивно на крвниот притисок,срцето и капацитетот на белите дробови,што во едно истражување на Универзитетот во Торонто кое е направено на 1800 испитаници, заклучиле дека пливањето штити од вируси односно го зајакнува имуниот систем, што во овој период е особено важно.

Националната пливачка федерација има изработено протоколи за одржување на пливачки тренинзи каде што се служеше со примери кои ги добивме од нашите пријатели од соседните земји како Бугарија, Србија, Словенија и Хрватска каде што веќе се отвараат базените според истите препораки и протоколи. Се надеваме на разбирање и помош за што побрзо отварање на базените.

НАЦИОНАЛНА ПЛИВАЧКА ФЕДЕРАЦИЈА

Претседател

Александар Филипчев

Се вчитува...