Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.
==========================================================================================================================
Една од најдобрите млади македонски пливачки, Ева Петровска отворено за ЕКИПА.МК за своите најголеми успеси, но и проблеми со кои се соочува секој пливач во Македонија. Самата вели дека е тешко да си пливач во земја во која има само два базени.
Говоревме со Петровска и околу настапот на Светското првенство во Ј. Кореја и какво е чувството да си во иста просторија со најдобрите пливачи во светот, но и за нејзината средба со еден од најдобрите пливачи од овие простори, Велимир Стјепановиќ.
Според Петровска чест е да се претставува својата земја на Летните олимписки игри, но не по секоја цена. Бидејќи ако одиш на ЛОИ мора да бидеш подготвен за добар резултат. Ако не си, подобро да не заминеш на најголемата спортска смотра во светот.
Самата вели дека слободното време надвор од пливањето сака да го користи за дружба со пријателите, бидејќи поради тренинзите и посветоноста кон овој спорт нема време како секој ‘обичен’ тинејџер.
==========================================================================================================================
Државна рекордерка си на 400 метри слободно. Какво е чувството и што беше првото што го помисли кога го отплива одличното време?
Кога го поставив државниот рекорд на 400 метри едноставно не ми се веруваше. Отидов во полн тренинг без многу одмор на митингот во Скопје. Очекував дека ќе го подобрам резултататот, но не верував дека ќе успеам да испливам 4:15.84 минути и дека ќе поставам државен рекорд. Не ми се веруваше дека успеав и бев многу среќна. Голем камен од срце ми падна бидејќи долго време немав напредувано поради се што се случи со пандемијата и големата пауза која ја имавме спортистите.
Колку е тешко да си пливач во Македонија?
Не е лесно да си пливач во Македонија. Прво немаме доволно места за подготовки. Секаде во наше опкружување имаат услови за добри висински подготовки. Ние во Македонија немаме ниту една планина со олимписки базен. Немаме ниту многу базени на ниво на цела држава. Тоа е голем проблем за нас пливачите, бидејќи секогаш мораме да одиме надвор од државата за подготовки. Само во Скопје имаме затворени и 25 метерски и 50 метерски базен, од кој само „Олимпискиот“ во Скопје е 50-метарски и толку ни се шансите за подготовка. Се вративме од подготовки во Турција, работевме во еден од најдобрите комплекси тренирајќи во 50-метерски базен. Навистина е голема разлика кога почесто пливаш на 50-метарски базен, отколку на 25 метарски.
Прво големо натпреварување за тебе беше Светското првенство во Јужна Кореја во 2019 година….
Светското првенство во Кореја е едно од моите најголеми разочарувања досега. Не сум задоволна од резултатите кои ги поставив, бидејќи не ми беа ни приближно најдобри. Многу работи влијаеа за тоа. Тоа ми беше прв настап светско првенство, немав поголем натпревар до тогаш, освен Светски куп, но не е ни приближно големо како ова. Имав многу трема, притисок, и не бев во најдобра форма. Не се аклиматизирав како што треба и навистина бев разочарана од мојот настап.
Големиот дел од македонските пливачи во одреден период на развој во својата кариера се одлучуваат за странец тренер. Тоа го направи и ти. Зошто е тоа така и како почна целата соработка со одличниот германски тренер Дирк Ланге кој има работено и со светскиот медалист Мартин Кох?
Морав да одберам странски тренер бидејќи не можам да стекнам доверба во македонски тренер, да се пронајдеме со заедничка иста цел и личност која силно ќе верува во мене на патот до големи резултати. Работам со Германецот Дирк Ланге, кој во моментов е во Австрија. Од сите држави собира квалитетни пливачи. Најмлада сум во неговиот тим. Бев кај него една недела на пробен тест на кој тој мораше да ме види дали имам квалитети да работам по неговата програма. Беше воодушевен и прифати да соработуваме во следниот период. Пред пандемијата имав потпишано договор секој месец по една недела да бидам во Австрија и да тренирам со него. Пандемијава малку направи проблем, но се надевам дека кога се ќе се стабилизира ситуацијата ќе продолжиме со тие тренинзи во Австрија. Имав желба да се докажам, бев во одлична форма и многу ми е мило што сум дел од тим во кој тренираат феноменални пливачи. Марко Кох еден од најдобрите пливачи во дисциплината градно и освојувач на европски и светски медали е дел од неговиот тим и навистина тренинг со Кох досега е едно од најголемите достигнувања во мојата кариера.
Пливаш на 400, 800 и 1500 метри. Која ти е омилена дисциплина? Имаш настапи и на маратони. Дали се гледаш во иднина во пливање на отворени води или сепак ќе се држиш до базените?
Сите три дисциплини сакам да ги пливам и 400 и 800 и 1.500 и секогаш на митинзи сакам да ги пливам сите три дисциплини. Некогаш на 400 ќе имам најдобро време, некогаш на 1.500. Иако можеби 800 ми е омилена дисциплина никогаш не можам на еден митинг во таа дисциплина да направам најдобар резултат, но некако ми е најубаво кога ја пливам. Мислам дека најмногу треба да се посветам на 400 метри, бидејќи таа дисциплина веројатно најмногу ми лежи. Искрено не сум многу љубител на пливање на отворени води. Кога требаше да го пливам првиот маратон тоа беше со плачење, со се. Повеќе сакам да сум во базен. Уште како мала не сакав многу вода. Во море во длабока вода, колку и да е изненадување, не сакав многу да пливам. Сега сум поопуштена, но дефинитивно повеќе сакам да пливам во базен и не ми е во план повеќе да пливам маратони. Искрено, дисциплините на отворено беа непотребни во мојата кариера. Убаво е да се проба, но не е тоа за мене. Но, секоја чест за сите маратонци бидеќи тоа е најтешката дисциплина во пливањето.
Американката Кејти Ледеки е најдобра во твоите дисциплини на сите времиња. Кој е твојот пливачки идол и какво беше чувството пред почетокот на трката на СП во Јужна Кореја кога беше во иста просторија со најдобрите пливачки во светот?
Кејти Ледеки, која е најдобра во моите дисциплини минатите сезони и е една од најдобрите пливачки на сите времиња, не можам да ја издвојам како идол, бидејќи има нешто во нејзиното однеусвање што не ми оставило голем впечаток. Не можам да издвојам еден идол. Низ годините имам научено да не гледам што другите прават, туку мене тоа што најмногу ми одговара. Некои светски шампиони на социјалните мрежи ставаат како вежбаат, како се хранат и секој би си помислил ете и јас треба тоа да го правам, но секое тело е различно и секој треба да гледа да ја направи програмата него најмногу како му одговара. Не можам да издвојам идол. Ги почитувам сите шампиони нормално, но некој од пливачите кои ги плива моите дисциплини ми нема оставено впечаток посебен. Можеби Унгарката, Ајна Кешели која не е од самиот врв, но неа многу ја следам и некако гледам дека нејзината програма за работа мене најмногу ми одговара. Тежок момент е да не те понесе кој се е околу тебе, туку да бидеш фокусиран на самиот себе. Кога влегов во последната соба каде што сите се собрани, некако се ми помина несвесно. Не размислував ништо. Во моментов не се сеќавам на ништо. Буквално најдобрите пливачки се околу тебе и многу е тешко во тој момент да бидеш свесен за сето тоа што се случува околу тебе.
Една од најголемите трки во твојата кариера е победата на 400 метри на митинг во Белград, каде во машка конкуренција триумфираше и европскиот шампион и светски медалист Велимир Стејпановиќ.
Во Белград бев на митинг во кој јас триумфирав на 400 метри кај дамите, додека Велимир Стјепановиќ беше најдобар во машка конкуренција и на крајот како најдобри ни беше укажана чест заедно двајцата да бидеме на подиум. Голема чест ми беше, бидејќи беше буквално како да сум на исто ниво со еден поранешен медалист од Светските првенства. Не сакав многу да му досадувам бидејќи и немавме време за некој подол разговор, но сепак беше чест што триумфирав во иста дисциплина со него.
2021 е олимписка година. Сонуваш ли за настап на Летни олимписки игри и кои се твоите очекувања за годинава?
Како и на секој спортист и мене ми е сон да ја претставувам Македонија на едни Летни олимписки игри. Но, моментално не размислувам на нив. Сакам да учествувам на ЛОИ, но се уште сум многу млада и би сакала тоа да биде со многу подобри резултати од овие сега. Оваа година ако имам шанса ќе настапам на ЛОИ, но јас би сакала тоа да биде со подобар резултат. Чувството на СП во Кореја не беше најубаво. Гледаш пливачи кои се во моментов многу подобри од тебе и не се чувствуваш убаво. Сакаш да бидеш барем во средината, а не на дното и бидејќи се уште сум млада не ми се брза. Многу повеќе би сакала да настапам на јуниорските првенства каде што знам дека можам да направам добар резултат.
Сите спортисти имаа големи проблеми со пандемијата од коронавирусот и периодот во кој не можеа да тренираат и беа во карантин. Како влијаеше тој период за тебе како пливач на кој веројатно му е и најтешко поради тоа што неговите тренинзи и натпревари се одвиваат во базен?
Јас конкретно тренирав во базен долг 2-3 метри. Врзана за ластици и пливав во место, тоа го практикуваа голем дел пливачи кои немаат базени дома. Искрено добро ми дојде паузата, особено првиот месец бидејќи многу ми требаше еден одмор. Немав одмор ниту лето, ниту во зима и почна и повреди да доаѓаат. Кога почна пандемијата имав време за одмор и успеав да ги санирам сите повреди. Така да покрај малиот базен и трчав, тренирав по дома. Едноставно како и сите други спортисти во светот се снаоѓавме по дома. Но, искрено не се жалам за тој период бидејќи успеав да се опоравам и да наполнам батерии за продолжение на кариерата.
Зимава прележа коронавирус. Колку вирусот навистина влијае врз еден професионален спортист и какво е чувството кога ќе се вратиш на тренинзи по негово прележување?
Бев заразена од Ковид. Прележав без симптоми, десет дена поминав дома и ми значеа малку да се одморам. Се на се по прележувањето се чувствував одморено и посилно. Проблемот беше пред тестирањето. Јас два три дена на тренинзи пред да се тестирам се чувствував уморно. Чувствував чуден умор, а ни на крај памет не ми беше дека можеби имам Ковид-19 бидејќи немав контакт со заболено лице. Требаше да заминеме на подготовки во Златибор и на тестирањата пред заминвуањето дознав дека сум позитивна и морав да останам дома. Дефинитивно Ковид не е лесна работа и и доколку си здрав и млад човек чувствуваш проблеми и телото едноставно не те слуша како во нормални услови.
Имаш само 16 години како се справуваш така млада со сите обврски… Но, и што сака Ева како обична средношколка да прави во слободно време?
На почетокот ми беше навистина тешко. Јас сум уште дете и за разлика од моите врсници немам летен, немам зимски распуст. И вистина ми беше тешко наутро станување секој ден, но кога ќе освоиш медал и ќе се исплатат сите откажувања чувството е неверојатно и навистина се исплати се што си направил за да стигнеш до голем резултат. Кога сакам да излезам вечер, а следниот ден знам дека треба да станам за на тренинг, само ќе се потсетам на моментот после трка и добар резултат и знам дека вреди и воопшто не ми е криво што пропуштам многу дружби. Слободното време го минувам со моите најдобри другари. Многу ги сакам и ги ценам и секој слободен момент го користам за дружба со нив. Нормално сакам да гледам филмови на „Нетфликс“, а кога не сум на тренинг време поминувам и во учење бидејќи сум втора година во гимназијата „Орце Николов“. Орце е една од најдобрите гимназии во Скопје и навистина е тешко да се насочиш и кон училиштетото и кон професионалниот спорт, но давам максимум да имам што подобри оценки. Моите родители дефинитивно се мојата најголема подршка и заедно со сестра ми ме поддржуваат буквално во се. Од нив ја црпам и сета моја енергија, во желбата за нови и нови спортски успеси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА