ШПАНИЈА – За првпат во историјата без играч на Реал на едно големо натпреварување

Во рамките на медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, чиј дел е и ЕКИПА, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со „Газета дело Спорт“ (Италија), „Ел Паис“ (Шпанија), „Ди Цајт“ (Германија), „Франс фудбал“ (Франција), „Блик“ (Швајцарија), ви ги пренесуваме комплетните информации за сите репрезентации учеснички на Европското првенство 2020

Дел од денешната програма на ЕВРО 2020 е дуелот меѓу Шпанија и Шведска, на кој „црвената фурија“ се надева на победничко отворање на шампионатот. Анализата за шпанската репрезентација ја подготви новинарот на весникот „El Pais”, Диего Торес.

За ЕКИПА пишува: Diego Torres од “El Pais”

Твитер профил: @diegotorresro

Шпанија се наоѓа во процес на регенерација откако оваа репрезентација го достигна својот врв со двете европски круни во 2008 и 2012 и освоената титула на СП 2010. Рецептот останува ист, Шпанците уште се базират на стил со многу додавања и движење, со повеќе умешност и мајсторија отколку сила. Сепак, асовите како Чави, Иниеста, Вилја, Пике и Касилјас веќе не се дел од оваа селекција, а претстојниот турнир е можност да се појават нови лидери.

Трагедија го одбележа процесот на пласман на ЕВРО 2020, откако Луис Енрике беше принуден да се повлече од селекторското место и да се посвети на болната ќерка Џана, која нешто подоцна почина на деветгодишна возраст.

Неговиот асистент Роберт Морено го презеде кормилото и продолжи со тактиката 4-3-3 на Енрике. Тој самиот делуваше воодушевено од игрите на „црвената фурија“ под негово водство, изјавувајќи по побеите над Романија и над Малта:„Гледајте колку добро играме, топката се движи со огромна брзина, креираме шанси и постигнуваме голови„.

Сепак, тоа беше недоволно за Морено да остане селектор бидејќи федерацијата донесе одлука да го врати Луис Енрике на старата функција пред крајот на 2019, со обезбедено учество на ЕВРО 2020.

Токму Енрике важи за „главна фаца“ во националниот тим, особено по неговата одлука во составот да не го вклучи капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос, кој цела сезона се мачеше со најразлични повреди. Од поискусните фудбалери тука се Жорди Алба и Серхио Бускетс, но тие не се лидери ниту во Барселона, па тешко ќе биде да наметнат силен авторитет во репрезентацијата.

Прва опција за голман е младиот Унаи Симон од Атлетик Билбао, кој добива шанса пред Давид де Хеа. Шпанија важи за селекција со одлични играчи за врска во која недостига врвен голгетер од калиброт на Фернандо Торес или Давид Вилја. Жерар Морено, кој постигна 29 гола за Вилјареал сезонава, би можел да помогне за решавање на овој проблем, но факт е дека Шпанците не играат на посакуваното ниво.

СЕЛЕКТОРОТ

Никој не се сомнева во способноста на Луис Енрике да извлече максимум од формацијата 4-3-3, која најмногу одговара на главните карактеристики на шпанските фудбалери, желбата за брзи додавања со кои се надополнува недоволната физичка цврстина.

Енрике шокираше со составот, во кој за првпат во историјата Шпанија на едно големо натпреварување ќе биде без ниту еден фудбалер на Реал Мадрид. Борбениот дух го нема напуштено Луис Енрике, кој поради ковид-мерките ќе остане без своето хоби, велосипедизмот, за време на ЕВРО 2020.

ИКОНА

Шпанците во отсуство на Серхио Рамос немаат „икона“, па ќе мораат да создадат нова. Со оглед на класата и влијанието во тимот, најблиску до такво нешто е Тијаго Алкантара.

Еден од плејмејкерите со неверојатен преглед на играта, способен во дел од секундата да најде дупка во противничката одбрана. Доколку на 30-годишна возраст се покаже во најветло издание, како на финалето од ЛШ во 2020 година, тогаш Шпанија може да стори буквално се на ЕВРО 2020.

БЛАГОДАРЕН ЗА ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ЕВРО 2020

Педро Гонзалез Лопез, подобро познат како Педри, пред една година не ни сонуваше дека би можел да настапи на европскиот шампионат. Не беше ниту под професионален договор во Лас Палмас, но Педри воскресна откако потпиша договор со Барселона и доби слобода во играта од Роналд Куман.

Брзото размислување на теренот и одличната прегледност во играта му го донесоа прекарот „новиот Иниеста“.

„Она што најмногу ми се допаѓа кај Педри е скромноста и смиреноста, балансираноста што ја носи во играта меѓу нападот и одбраната“, го пофали селекторот Енрике најмладиот фудбалер во шпанскиот национален тим на ЕВРО 2020.

ВЕРОЈАТЕН СОСТАВ (4-3-3): Унаи Симон, Азпиликуета, Пау Торес, Лапорт, Алба, Бускетс, Педри, Тијаго, Феран Торес, Ојарзабал, Морено.

ШТО ПЕАТ ФАНОВИТЕ: 

“¡Y Viva España!” од Маноло Ескобар, хит од 1973 година, е апсолутно омилена мелодија меѓу шпанските фанови на сите стадиони на кои игра „црвената фурија“.

Фашистичкиот режим на Франко ја користеше како промотивна химна за туризам, кога фудбалот беше користен како една од работите со кои се подобруваше имиџот на земјата и се развиваше економијата.

ШТО ВЕЛАТ ФАНОВИТЕ: 

“Echadle cojones!” – Покажи „мад..а“ – повик до фудбалерите да дадат се од себе во дуелите со ривали кои физички делуваат помоќно од нив.

ПАНДЕМИСКИ ХЕРОЈ

Дани Олмо е пандемискиот херој во шпанскиот национален тим, откако за време на кризата реши да се вклучи во фондацијата на Хуан Мата.

„Сакам да го променам светот“, изјави Олмо, согласувајќи се дел од неговата плата секој месец да оди на сметкана фондацијата, па потоа да биде пренасочена кон оние на кои финансиската помош им е најпотребна.

Се вчитува...