На Белгија не и треба Де Бруине кога го има Лукаку

Белгија маестрално го стартуваше настапот на ЕВРО 2020 откако „црвените ѓаволи“ убедливо славеа против Русија со 3-0. Селекторот Мартинез за овој меч во тимот го немаше повредениот Кевин де Бруине, но тоа не беше преголем проблем бидејќи во нападот блескаше Ромелу Лукаку, создавајќи им огромни главоболки на руските дефанзивци.

Русите влегоа максимално мотивирани, решени да дадат се од себе да приредат изненадување, бодрени од навивачите во арената во Санкт Петербург. Сепак, само десетина минути беа доволни за фаворитот да дојде во водство, откако по една грешка на домашните дефанзивци Лукаку рутински стрелаше во мрежата, посветувајќи го тој погодок на Кристијан Ериксен. До крајот на полувремето резултатот веќе гласеше 0-2, десниот бек Муние се најде на вистинското место и одбиената топка ја смести во мрежата.

„Зборнаја“ не успеа ниту еднаш да го матира Куртоа, но затоа на спротивната страна повторно прецизен беше Лукаку, кој со својот втор гол на мечот стави печат на победата.

За потсетување, во првиот меч од оваа група Финска ја изненади Данска триумфирајќи со минимални 0-1 на „Паркен“ во Копенхаген.

Се вчитува...