СЛОВАЧКА – Преку Лигата на Нации до билет за ЕВРО 2020

Во рамките на медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, чиј дел е и ЕКИПА, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со „Газета дело Спорт“ (Италија), „Ел Паис“ (Шпанија), „Ди Цајт“ (Германија), „Франс фудбал“ (Франција), „Блик“ (Швајцарија), ви ги пренесуваме комплетните информации за сите репрезентации учеснички на Европското првенство 2020

Својот прв натпревар на овој шампионат денеска ќе го игра селекцијата на Словачка, која за ривал ќе ја има Полска.

 

За ЕКИПА пишува: Lukas Vrablik од Denik.sk

Твитер профил: @LukasVrablik

Пред три години, Словачка беше на крстопат. Тие не успеаја да се пласираат на Светското првенство и беше јасно дека на тимот му треба соодветна реконструкција. Јадрото започна да се распаѓа. Тројца долгогодишни членови на првиот тим се пензионираа: напаѓачот Адам Немец, левиот бек Томас Хубокан и централниот дефанзивец Мартин Шкртел.

Ова беше момент да стапи на сцена помладата генерација, со играчи како Милан Шкриниар и Станислав Лоботка кои се издигнаа на врвно ниво. Словачка одигра добро на Европското првенство до 21 година 2017 година, а Павел Хапал, тренер на таа репрезентација, се приклучи на сениорите, како нов селектор.

Патоказот до Евро 2020 беше долг и тежок и тие мораа да одат преку плеј-офот од Лигата на Нации. Во своето полуфинале тие ја победија Република Ирска во драматично изведување на пенали, по што Хапал беше отпуштен. На негово место дојде Штефан Таркович, поранешен помошник тренер во националниот тим, и токму тој беше главен на клупата кога Северна Ирска беше поразена во финалето на плејофот.

Сепак, еуфоријата пред овој турнир е некаде блиску на нивото на Евро 2016. Врската помеѓу тимот и навивачите претрпе лоши моменти поради слабите резултати, вклучувајќи го и тешкиот почеток на нивната квалификациска кампања за Светското првенство. Марек Хамшик, ѕвездата на тимот, беше повреден, а без него беа болни за гледање. Потоа, Словачка ги изненади сите победувајќи ја Русија.

„Неверојатно е колку луѓето не сакаат да имаме добри резултати“, рече крилниот напаѓач, Роберт Мак. „Немаме доволно [вистински] навивачи, но оваа победа им е посветена на нив.

Игрите во март беа тактичка лекција за Таркович. Ужасно им недостасуваше Хамшик. Тој е ѕвезда на тимот од своето деби во 2007 година. Системот 4-2-3-1 зависи од креативната искра на Хамшик и тој ги храни брзите крила, нормално Мак и Алберт Руснак. Има ново лице напред, 21-годишниот напаѓач на Феенорд, Роберт Боженик.

Ондреј Дуда е сличен на Хамшик во стилот на игра и Таркович дури се обиде да ги игра заедно, со напаѓачот од Келн како лажна деветка во формација 4-6-0. Освен Дуда, Ласло Бенеш има голема иднина и има една млада ѕвезда во Гронинген: Станува збор за офанзивниот играч за врска Томаш Суслов. Тој наполни 19 години на почетокот на јуни, но веќе има самодоверба и вештина на искусен професионалец.

Најголемата грижа е одбраната, каде Шкриниар нема партнер. Опциите на позицијата лев бек беа толку ограничени што 35-годишниот Хубокан мораше да се врати од пензија. Додека тој носи одбранбена цврстина, десниот бек Питер Пекарик мора да го поддржи нападот, како што тоа го направи неуморно од 2008 година. Сепак, тој сега има 34 години и исто така, ќе мора да биде заменет во одреден момент.

СЕЛЕКТОРОТ

Таркович имаше неколку позиции со Словачката ФА пред да биде назначен за главен тренер во декември минатата година. Тој работеше во словачката лига и се смета за релаксирана и пријателска личност, за разлика од некои од подисциплинираните тренери од минатото, како што е Владимир Вајс.

„Немам проблем да го кренам гласот ако е потребно“, вели тој. „Националниот тим е за почитување. Кога секое однесување ќе ја премине границата, тогаш е време да имаме поинаква форма на комуникација “.

ИКОНА

Марек Хамшик. Познат по својот имиџ, тој одамна е најголемата ѕвезда во соблекувалната. Давајќи му ја капетанската лента на 22 години, секогаш се надеваа на потенцијалот на Хамшик – тој изгледаше како фудбалер од светски ранг во тимот. Неговиот однос со словачките навивачи не бил секогаш јасен, сепак: кога тимот играл лошо, тој бил громобран за критики, честопати неправедно. Тој дефинитивно ги исполни очекувањата, водејќи ја Словачка на Евро 2016 и постигнувајќи прекрасен гол против Русија.

БЛАГОДАРЕН ЗА ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ЕВРО 2020

Милан Шкриниар. Лидерот на одбраната на Словачка се чини дека не беше во форма минатото лето и беше на работ да го напушти Интер, а особено заинтересиран беше Тотенхем на Жозе Мурињо. Потоа, Шкриниар влезе во почетната постава на Антонио Конте и стана еден од лидерите на тимот кои го освои Скудетото.

„Би сакал да им ја посветам оваа титула на сите Словаци“, рече тој. „Многу луѓе ми пишаа од дома и во Италија и јас сум многу среќен што го донесов Скудетото во нашата земја.”

Има голема одговорност за Словачка ова лето, но е спремен да ја преземе одговорноста како еден од лидерите во националниот тим.

ВЕРОЈАТЕН СОСТАВ (4-3-3): 

Дубравка – Хубочан, Валjент, Шкриниар, Пекарик – Грегус, Кучка, Хамшик – Мак, Боженик, Дуда

ШТО ПЕАТ ФАНОВИТЕ:

Словачка има долга „љубовна врска“ со традиционалната народна музика, а фановите ја адаптираа една од најпознатите песни во земјата, Мачејко. Секогаш се пее на натпреварот, но особено кога Словачка е дома и стадионот е распродаден. Како настана, прекарот „Соколи“ му беше даден на тимот пред неколку години, бидејќи птицата грабливка е често присутна во словачките бајки и класичната литература.

ШТО ВЕЛАТ ФАНОВИТЕ: 

“Nedavaju do toho srdce” („Тие не го оставаат срцето на теренот“) – Луѓето секогаш се жалат дека играчите не даваат 100%.

“Su to len potentovane hviezdy” („Тие се само тетовирани sвезди“) – секогаш на социјалните мрежи може да се прочитаат коментари за тетоважите на словачки фудбалери за време на натпреварите на оваа селекција.

Сепак, најпознатата фраза од сите е „Tak Urcite“, што во превод значи „Да, секако“. Ова е начинот на кој мнозинството словачки спортисти започнуваат реченица кога прават интервјуа по натпреварот, па тоа стана најпрепознатлива фраза и за фудбалерите.

ПАНДЕМИСКИ ХЕРОЈ

Лукас Хараслин од Сасуоло постојано објавуваше пораки на социјалните мрежи дека луѓето треба да се однесуваат одговорно за време на пандемијата и да бидат подложени на тестови кога е потребно. Крилниот напаѓач, кој беше позитивен на тестот во октомври 2020 година, исто така, комуницираше со фановите преку Интернет. Марек Хамшик беше вклучен во кампањата за вакцинација заедно со многу познати личности, вклучувајќи ја и претседателката Зузана Капутова и лекарот Владимир Кркмери. Слоганот на Хамшик беше „Вакцината е победа“.

Се вчитува...