Давид Дејвис ќе има полни раце работа за од Вардар да создаде победничка машинерија, откако „црвено-црните“ загубија со 24-25 од Нексе на дебито на шпанскиот стратег на клупата на македонскиот тратег. Првиот меч од СЕХА-лигата донесе неочекуван исход, „вардарци“ не ја оправдаа фаворитската улога, му дозволија на противникот да доминира во првото полувреме, а потоа во неизвесен финиш и да стигне до победата.
Нексе беше подобар противник од самиот старт, откако хрватскиот вицепрвак уште од самиот почеток на полувремето наметна темпо што „вардарци“ се мачеа да најдат одговор. „Црвено-црните“ имаа 3-6 по само десетина минути игра, а нешто подоцна Дејвис реши да го повлече Борко Ристовски од голот и на негово место да го уфрли Мартин Томовски. Македонскиот репрезентативец ја врати сигурноста во одбраната, па на одмор се замина со 11-13, резултат при кој Вардар пропушти неколку шанси за уште поголемо намалување на негативата.
Вардар заигра далеку подобра одбрана на стартот од вториот дел, рецепт со која македонскиот првак да направи пресврт и да стигне до минимално водство од 18-17. Двете екипи се менуваа во водство во голем дел од полувремето, а Дејвис беше принуден да побара тајмаут на пет минути до крајот, при водство на Нексе од 23-24. „Црвено-црните“ израмнија на 24-24, но Вејин погоди од место за водство на Нексе од 24-25, на 40 секунди до крајот. Македонскиот шампион имаше напад за израмнување, но обидот на Нијокас беше блокиран, за огромна радост на гостите.
Моралес и Дибиров со по пет гола беа најефикасни во таборот на Вардар, а по три постигнаа Георгиевски и Оливие Нијокас, што се покажа недоволно за успех на овој дуел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА