Македонскиот репрезентативец Томи Јагуриновски е првото засилување на тимот на Тинекс Пролет за наредната сезона. За услугите на одличниот десен бек се интересираа уште неколку македонски екипи, но раководството на Пролет успеа да го убеди Јагуриновски во квалитетот на проектот за наредната сезона, по што на обострано задоволство беше потпишан договор за соработка.
Јагуринoвски доаѓа во Тинекс Пролет од редовите на исландскиот клуб Тор, каде настапуваше во одлична форма под водство на тренерот Стевче Алушовски. Репрезентативецот, кој претходно во кариерата ги бранеше и боите на Металург и на Вардар, од неколкуте понуди на маса ја избра онаа на Пролет.
Тој беше дел од македонската репрезентација што оствари голем успех со пласманот на СП2022. Токму Јагуриновски го изнуди клучниот пенал на реваншот со Чешка што Филип Кузмановски го претвори во гол за мундијалски билет во последните секунди од мечот во СЦ „Борис Трајковски“.
„Презадоволни сме што успеавме да го договориме трансферот на Јагуриновски, македонски репрезентативец со кого ги потврдуваме амбициите за враќање во борбата за висок пласман за наредната сезона. Не се сомневаме дека тој ќе внесе дополнителен квалитет во нашата игра, но и енергија на теренот, нешто што го краси Јагуриновски низ неговата кариера“, изјави директорот на РК Тинекс Пролет, Сашо Огњеновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА