Пролет оди без притисок на мегдан со Еурофарм Пелистер

Ракометарите на Тинекс Пролет денеска му гостуваат на Еурофарм Пелистер (18 часот, сала „Боро Чурлевски“ во Битола) во последниот официјален натпревар за 2022 година. Почетокот на оваа натпреварувачка сезона е исклучително успешен за скопскиот суперлигаш, ако се знае дека Тинекс Пролет го осигура второто место во групата во Супер-лигата, значително зголемувајќи си ги шансите во борбата за излез во ракометна Европа што ќе претстои во вториот дел од сезоната.

Единствениот пораз сезонава е претрпен токму од денешниот ривал, но избраниците на Лембанов на тој меч одлично му парираа на Еурофарм Пелистер, губејќи значајна предност во завршницата со што беше пропуштена шанса за сензационална победа. Токму добрата игра на тој меч ја крева самодовербата меѓу ракометарите на Тинекс Пролет пред денешниот меч во Битола.

„Ова е натпревар што не одлучува ништо, Пелистер секако е прв, а ние втори во групата, што ќе овозможи да играме без притисок. На оној прв меч во Скопје покажавме дека можеме да парираме и на најдобрите македонски клубови, што секако ќе ни биде од корист не само за денешниот дуел, туку и за натпреварите во плејофот во 2023 година. Очекувам интересен меч во Битола, домаќините се фаворити, но ние сакаме серијата добри игри да ја продолжиме и против овој силен ривал. Наша желба е оваа 2022 година да ја завршиме со позитивен впечаток, како најава за добри игри и изданија на Тинекс Пролет и во 2023“, изјави капитенот Ласко Андоновски.

Се вчитува...