Поранешниот директор на Вардар, Работнички, Цементарница, долгогодишен фудбалски работник Драган Томовски денеска на прес-конференција информираше дека до ФИФА, до канцеларијата на ИФАБ, како и директно до директорот за иновации при УЕФА, Звонимир Бобан, од негова страна е доставен патент кој нуди решение за еден од најгорливите проблеми на фудбалската игра за кој досега не се пронајде инструмент како решение а тоа оддолговлекувања на времето, симулирање или популарно наречено „крадење време“.
Сето тоа наиде на поддршка и од дел македонски фудбалски авторитети кои истакнуваат дека неопходноста од нови правила во фудбалската игра е неизбежност. А, посебно е убаво е кога доаѓаат од Македонија.
Македонскиот фудбалер на векот, Дарко Панчев нагласи дека и лично ќе разговара со директорот за иновации во УЕФА, Звонимир Бобан, во желба оваа идеја да добие соодветен третман и се слушне од вистинските луѓе во УЕФА.
„Навистина ми се допаѓа идејата околу проблематиката за ‘крадењето време’. Со тоа решенија всушност времето украдено од поединци во регуларниот дел низ судиското продолжение би се дуплирало, и на тој начин би се дестимулирале екипите, тренерите и играчите за симулации и калкулации. Ова решение е одлично и планот е лично да разговарам со Звонимир Бобан кој е директор за иновации со УЕФА. Желбата е да му се пренесе на убав начин оваа идеја која ако помине во светски рамки би било добро и за нас како држава, ако се знае дека ете некој од Македонија ги насочува идните текови кон кои треба да се стремат решенијата за проблемите кои се уште се појавуваат во фудбалската игра“ – истакнува Дарко Панчев, а на кого се надополнува и поранешниот македонски селектор Ѓоко Хаџиевски.
„Идејата на Томовски за промената на фудбалската игра, за надополнување на изгубено време навистина ми се допаѓа. Факт е дека Томовски е инвентивен фудбалски работники, кој меѓу првите е кој ја промовираше идејата за Балканска лига, и таа идеја не се реализира само поради односите на некои држави на Балканот. Факт е дека долго треба да се разговара на оваа тема, затоа што фудбалот бара новини и промени. Јас сум човек кој создавал во фудбалот бара и регуларност во фудбалот и сигурно сум за вакви позитивни промени во фудбалската игра“ – вели Хаџиевски.
Идеата на Томовски е поддржана и од еден од најдобрите голгетери на македонскиот фудбал на сите времиња Саша Ќириќ, како и доајенот на македонското спортско новинарство Атанас Костовски кои потенцираа дека ‘наведената револуција во фудбалот која се предлага, со решавање на еден од неговите најгорливи проблеми, ќе има несогледливи позитивни ефекти во сите сегменти на состојбите и развојот на светскиот фудбал’.
А, решението кое веќе е доставено до ФИФА и УЕФА а се предлага како можност за наоѓање „лек“ за симулацијата е – САМО СУДИСКОТО ПРОДОЛЖЕНИЕ НА КРАЈОТ НА НАТПРЕВАРОТ ДА СЕ ИГРА СО ЕФЕКТИВНО ВРЕМЕ. Да се мери со хронометар само активна игра во судиското продолжение! Ефектите од ваква промена можат да ги проценат само исклучително стручни и искусни лица кои ја познаваат „технологијата“ и филозофијата на фудбалската игра. Ова решение се темели и на официјалните статистички мерења кои покажуваат дека (согласно показателите од Топ 5 лигите во Европа), во регуларниот дел од мечевите се игра ефективно само околу 50% од вкупното време. Токму затоа, екипите повеќе нема да размислуваат на симулирање во регуларниот дел затоа што ќе знаат дека тоа време ќе им се надополни двојно во судиското продолжение.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА