Најтрофејниот македонски клуб Вардар денеска од 18 часот на стадионот Борис Трајковски во Маџари со првата прозивка на Бобан Грнчаров ќе ги почне подготовките за сезоната во која треба да се врати во Првата македонска фудбалска лига.
„Вардарци“ со нова неизвесност за време на паузата ќе ја очекуваат новата сезона во очекување на целосно средување на состојбите во клубот кои и тоа како финансиски се раздрмани по владеењето на досегашниот сопственик Слободан Крстевски.
Ако ништо друго, Вардар од денеска ќе почне и со ново раководство откако Крстевски и двајцата неизвршни членови на одборот на директори се повлекоа од клубот и ги предадоа акциите на Вардар во рацете на „Комитите“ кои сега ќе го водат Одборот на директори предводен од Милорад Миленковски.
Во меѓувреме, додека течат подготовките на клубот, ќе течат и правните процедури преку кои Вардар ќе мора да се избори за лиценца за настап во прволигашкото друштво, со подмирување на долговите направени од претходните две раководства.
Од клубот најавуваат дека Вардар ќе има стабилен буџет, благодарение на поддршката од 12 општина од Скопје, кој ќе овозможи квалитетен настап во Првата лига престојнава сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА