Долгогодишниот македонски репрезентативец Борко Ристовски ја завршува професионалната кариера и се сели во управата на РК Вардар, и тоа на највисоката функција – како нов извршен директор на двократниот европски шампион.
Ристовски на денешната прес-конференција беше промовиран во нов директор и ќе го преземе секојдневното раководење со клубот, а досегашниот претседател Михајло Михајловски ќе остане дел од управата, но со советодавни функции.
„Борко Ристовски е наша легенда во ракомет, неговата кариера завршва и тој се гледа себе во раководните структури на Вардар. Затоа, донеовме одлука тој да биде нов извршен директор на Вардар“, потврди Михајло Михајловски.
Ристовски е максимално мотивиран за новиот предизвик и е голем оптимист околу иднината на „црвено-црните“.
„Најпрвин би сакал да се заблагодарам на Михајло Михајловски за укажаната доверба, бидејќи не е мала работа да се биде на чело на најголемиот македонски клуб, тоа носи и тежина и одговорност. Мене ми е чест што ќе биде дел од тимот што ќе се обиде да го врати Вардар онаму каде што припаѓа. Ќе се обидам сето она што го имам како контакти и пријателства, да го искористам за да му помогнам на Вардар. Ова е е еден поинаков чекор за мене, со големи одговорности, но сум подготвен за се она што го знам и можам да го пренесам. Цел за оваа година е најпрвин да го стабилизираме клубот, како на финансиски план така и на играчки кадар“, изјави Борко Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

