Даниел Дупјачанец ќе ја продолжи својата ракометна авантура во Франција откако искусниот чувар на мрежата потпиша договор со екипата на Бањол.
Поранешниот капитен на Металург имаше зад себе успешна сезона во која најпрвин настапуваше за Вилербан, а потоа и за Курнон Д’Аверњи, a добрите настапи на искусниот голман беа препорака тој да најде нов ангажман во францускиот ракомет. Бањол е клуб што се натпреварува во третата француска лига, со амбиции сезонава со Македонецот на голот да се обиде да се избори за промоција во повисок ранг на натпреварување.
Даниел Дупајчанец кариерата ја почна во Тутунски Комбинат, а од македонските клубови има настапувано и за Младост Богданци и за Металург, тим со кој стигна до куп-трофејот по одличниот настап што го имаше во големото финале во Куманово против Вардар. Како дел од меѓународната кариера искусниот голман има настапувано за екипи во Косово, потоа за Азоти Пулави во Полска, за Кадетен Шафхаузен во Швајцарија…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА