Ахмед Илјазовски од данскиот суперлигаш Хвидовре ќе биде ново име во македонската репрезентација за престојниот септемвриски квалификациски циклус, дознава ЕКИПА.
26-годишниот Илјазовски, кој има македонско државјанство а досега нема настап за ниту една национална репрезентација, фудбалски потекнува од данскиот Хелеруп. Во својата кариера претходно настапувал за Херлев и Броншој во Данска, а од 2021 година е член на суперлигашот Хвидовре.
Сезонава е стандарден првотимец на тимот на десната бековска позиција. Позиција која ќе биде освежена откако Стефан Ристовски неодамна соопшти дека во иднина нема да настапува за македонската репрезентација поради одредени несогласувања со селекторот Благоја Милевски.
Илјазовски, пак, со задоволство би прифатил повик за македонската репрезентација.
„За мене би било чест да настап за македонската репрезентација, за националниот тим од земјата од која потекнувам. Секако со задоволство би прифатил покана за настап во репрезентацијата, доколку добијам доверба од македонскиот селектор“ – вели Илјазовски.
Ахмед Илјазовски, покрај десната бековска позиција, не ретко игра и на централната дефанзивна позиција во Хвидовре.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА