Карабатиќ објави: Оваа сезона ќе ми биде последна во кариерата

Еден од најдобрите ракометари на сите времиња, Никола Карабатиќ, објави дека на крајот од новата натпреварувачка сезона 2023/24 и официјално ќе стави крај на својата неверојатна кариера.

Карабатиќ успеа да ги надмине проблемите со сериозните повреди што го мачеа во последните две сезони и е максимално подготвен за „последниот танц“, желен за нови трофеи пред и официјално да му каже збогум на ракометот – со настап за Франција на ОИ во Париз следното лето.

„Денеска ја почнувам својата последна сезона со голема радост. Радосен сум бидејќи за последен пат ќе можам да уживам во единствената атмосфера во француските и во еврпоските арени, да се борам и да играм заедно со соиграчите, да освојам уште трофеи пред да ја затворам книгата на мојата кариера“, напиша Никола Карабатиќ во писмото што најпрвин го објави неговиот клуб ПСЖ, а потоа го пренесоа бројни спортски медиуми ширум Европа.

Тој ја почна професионалната кариера во Монпелје уште во 2000 година, потоа настапуваше и за Кил и за Барселона, за од 2015 година да ги брани боите на ПСЖ. Карабатиќ буквално освои се што можеше да се освои, на клупски и на репрезентативен план, а импресивна е бројката од 1255 постигнати голови на Франција, на вкупно 335 одиграни натпревари за „триколорите“.

Се вчитува...