Ракометарите на Мулти Есенс одиграа одличен меч на првиот ден од турнирот „Миле Нешкоски“ во Прилеп, совладувајќи го финскиот прволигаш Кокс со резултат 29-26. Кокс е повеќекратен шампион на Финска, но младиот состав на Мулти Есенс вечерва беше подобар противник, го контролираше резултатот во голем дел од натпреварот и заслужено се радуваше на победата.
Новиот македонски суперлигаш го доби првото полувреме со 16-14, потоа избраниците на тренерот Марковски во вториот дел знаеја како да го диктираат темпото и не дозволија триумфот во ниту еден момент да им биде доведен во прашање.
Домаќинот Прилеп славеше на дуелот против Струга со 28-24. Победата можеше да биде и поубедлива ако се знае дека прилепчани во вториот дел имаа и девет гола предност, но во финишот им дозволија на гостите од Струга да се изборат за нешто попристоен пораз.
Српскиот претставник Дубочица славеше со убедливи 36-24 во пресметката со екипата на Скопје, додека во првиот меч на турнирот ракометарите на Пролет преубедливо го совладаа Еурофарм Пелистер 2 со резултат 22-12.
Утре на програмата е второто коло од турнирот „Миле Нешкоски“, во рамките на кое ќе се одиграат следните натпревари: Пелистер 2 – Мулти Есенс, Дубочица – Струга, Прилеп – Скопје и Кокс – Пролет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

