Италијанецот Алесио Очипинти е победник на 36-тото издание на Охридскиот пливачки маратон. Очиипинти патеката „Климе Савин“ од Свети Наум до Охрид ја исплива за 4:53:14 часа, што е нов рекорд на патеката.
Водството Очипинти го држеше и на првиот летечки спринт во Пештани, како и на вториот во Свети Стефан. Очипинти ја оправда фаворитската улога на маратонот, ако се знае дека беше трет на Светското првенство во маратонско пливање во Анжу и победник на Капри Наполи маратонот минатата година.


Втор на трката заврши Аргентинецот Матијас Дијаз кој финишираше со време од 4:59.02 часа, додека трет е италијанецот Марко Инглима со време од 5:02.19 часа. Аргентинецот Дијаз минатата година беше победник на Охридскиот пливачки маратон.

Најдобриот македонски пливач Евгениј Поп Ацев маратонот го заврши веднаш зад најдобрата тројка, на 4. место со време од 5:08.32 часа.
Во женска конкуренција победи француската пливачка Каролин Жуис, која мина низ целта после 5:05:59 часа пливање, што исто така претставува нов рекорд на патеката во женска конкуренција.
Втора во женска конкуренција пристигна на целта Туна Ердоган од Турција со време од 5:15.24 часа, а трета заврши Аргентинката Ерика Јенсен.

Првите честитки победниците ги добија од претседателот Стево Пендаровски, а ги пречека и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Охридскиот пливачки маратон оваа година е дел од нововоспоставениот „Фестивал на вода“ – Ohrid Water Festival, кој повеќе од успешно почнува една нова традиција на промоција на сите спортови на вода.
ФОТО: www.ohridnews.com
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

