Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, на редовното Собрание на РФМ даде краток осврт на сработеното во изминатиот период.
Тој стави посебен акцент на работата и резултатите на националната селекција во изминатиот период…
„Од мај 2022 година до септември 2023 година Управниот одбор на РФМ донесе вкупно 47 одлуки важни за развојот на ракометниот спорт. Во овој период успешно се сервисирани сите национални категории во машка и во женска конкуренција. Машката сениорска репрезентација во јануари учествуваше на СП 2023, каде за жал не успеа да се пласира во следната фаза на мундијалот. Успешно беа минати групните натпревари и се пласиравме за претстојното ЕП 2024, каде ќе бидеме дел од најсилната група А со селекциите на Германија, Франција и Швајцарија“, изјави Мукаетов на Собранието на РФМ.
Претседателот на Ракометната Федерација е горд на беспрекорната организација на Европското првенство на кое Македонија беше ко-организатор, но и искажа незадоволство од поразите во баражот од Украина.
„Горди сме од начинот на организацијата на ЕП во ракомет за жени, на кој се покажавме како беспрекорни домаќини. Резултатот беше реален со оглед на фактот дека по долго време се вративме назад на европската сцена, а останавме горди што ја имавме најмладата селекција на овој шампионат. За неуспех го сметам непласманот на претстојното светско првенство за жени, ако се знае дека бевме носители во ждрепката против Украина, но не успеавме да го минеме овој ривал“, истакна Мукаетов.
Првиот човек на РФМ воедно изрази задоволство од настапите на нашите млади национални селекции и пласманот на кадетите на деветтото место на последното СП што се одржа во Хрватска.
Воедно, потенцираше и дека нашите судии Начевски – Николов беа задолжени за делење на правдата на големото финале на СП 2023 во Шведска, како потврда за квалитетот на македонските арбитри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА