Столе со две желби: Да се повтори Палермо и да добие селфи со Џиџи Буфон

Столе Димитриевски, кој на првиот ден од септемврискиот репрезентативен собир се појави во дрес на Џанлуиџи Буфон, не крие дека негова желба е средба со својот идол.

Во разговор за „Газета дело Спорт“ пред вечерашната пресметка на арената „Тодор Проески“ во Скопје, Димитриевски вели дека сака нова победа на Македонија како во Палермо, а потоа и селфи-фотографија со својот идол – Буфон.

„За мене перфектна ноќ ќе биде победа над Италија и селфи со Џиџи“, вели Димитриевски, и дополнува:

„Буфон од секогаш бил мој идол, икона за вечноста. Играв против него во Торино со Македонија, кога ремизиравме 1-1. Тогаш го побарав неговиот дрес, но не го добив, зашто бил планиран за аукција и продаден за 400 евра. Да знаев, ќе го купев. Сега, за мене секако е интересно што ќе го видам во Скопје, на мој терен“.

А, што се однесува до самиот натпревар сега, и можноста да се повтори Палермо…

„Таа победа во Палермо е нешто специјално за сите нас, за цела држава. Одигравме извонреден меч, стигнавме до неверојатна победа со голот на Трајковски. Една неверојатна приказна со перфектен крај. А, како ќе биде сега? Јас секогаш сум оптимист и чувствувам дека можеме пак до нешто големо и историско, иако ќе биде многу потешко затоа што сега, ми се чини, никој нема така да не потцени. Италија доаѓа со нов селектор, Спалети е сосема различен од Манчини, а Елиф Елмас ни даде многу корисни информации. Ние одигравме одличен меч и против Украина со која сакавме да играме 90 минути, но го плативме цехот на таа желба за офанзива до крај. Можеби треба некогаш да знаеме како да сочекаме во низок блок. Се надевам дека научивме од грешките и против Италија ќе ни се даде шанси за нов успех“ – истакнува Димитриевски.

Се вчитува...