Вецлар приреди огромно изненадување на стартот од новата сезона во Купот на Германија откако тимот каде настапува Филип Кузмановски, а помошен тренер е Филип Миркуловски по голема борба славеше над фаворитот Кил, и тоа на гостински терен со 31-32. „Зебрите“ беа апсолутни фаворити во пресрет на овој меч, но Вецлар со одлична игра во нападот успеа да приреди сензација во германскиот куп.
Кузмановски и соиграчите го најавија изненадувањето со одличното прво полувреме во кое имаа предност од два гола (17-19). Кил заигра нешто подобро во одбраната, во последните пет минути се влезе со израмнети 30-30, кога Вецлар повторно блесна и поведе со 30-32. Дувњак успеа да ја преполови негативата, но Кил не го искористи последниот напад за израмнување, на огромна радост на Миркуловски, Кузмановски и останатите членови на Вецлар.
Македонскиот репрезентативец не успеа да се запише меѓу стрелците на овој меч, а најефикасни во победничкиот тим беа Новак со десет и Рубин со осум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА