Миодраг Мицковиќ
Натпреварот од шампионатот на Македонија во Првата ракометна лига-Група А меѓу Младост од Богданци и МРК Борец од Велес кој заврши со нереално висока победа на Младост од 54-6 (29-0), за жал, и тоа како има елементи да се најде во непопоуларниот дел од популарната книга на Гинисови рекорди. Во машкиот ракомет во Македонија, без оглед дали се работи за сениорски, младински или пионерски лиги досега не е забележано дека некоја екипа за 30 минути нема постигнато ниту еден гол, како што тоа им се случи на ракометарите на Борец. Или поточно 36 минути бидејќи Борец дури во таа минута го постигна првиот гол, a реализатор беше Леон Ристов.
Резултатот можеше да биде и повисок
Ракометарите на Борец од Велес последниве години се борат со големи финансиски проблеми , играат во лигата колку да се знае дека некогаш Велес беше заедно со Битола и Скопје ракометен центар во Македонија. Одвај се собираат за да играат, за редовни тренинзи и да не зборуваме, но сепак да не постигнат ниту еден гол, и тоа во ракомет за едно полувреме е за чудење и за неверување. Сепак и тоа се случи. Дури можеа да минат и полошо, да примат повеќе голови, доколку ракометарите на Младост во второто полувеме играа поенергично и со најдобрите играчи бидејќи се „олабавија“ кога ја видоа немоќта на противниког. Но и со таква играа примија само 6 гола. Тоа е најдобар доказ со каков квалитет располага Борец во годинашново првество.
Најефикасен во екипата на Младост беше Стамен Гогов со 13 постигнати голови. Од 14 играчи кои беа запишани во протоколот, само двајца немаат постигнато гол, Ѓорѓи Паунков и Трајче Костадинов, бидејќи тренерот Мите Стоилов, поранешен репрезентативец на Македонија им даде шанса на сите ракометари да играат на овој натпревар.
Со оглед дека резултатот од овој меч ќе влезе во историјата на ракометот во Македонија, ќе го објавиме составот на двете екипи.
Младост: Благој Панов, Ристе Пеев 5, Димитар Пеев 4, Трајчев Костадинов , Ѓорѓи Атанасов 7, Антонио Николовски 5, Ѓорѓи Паунков, Мартин Стојановски 2, Никола Роглев 2, Стамен Гогов 13, Илија Чрчев 7, Мартин Прчев 7, Душан Каркалашев 2, Митко Стоилов
Борец:Димитар Петров, Дарко Личовски, Оливер Ангелов, Леон Ристов 1, Јован Тикварски, Стефан Богдановски 1, Оливер Илчевски 1, Душан Крстевски, Кристијан Кирков, Кирил Црнушев 2 и Марко Ангелов 1.
Судеа: Илија Катанџиев и Војо Христовски
Беа финалисти на Купот на Југославија
Што се случува со ракометниот клуб Борец од Велес, клуб со богата традиција, пет пати првак на Македонската лига, победник на Купот на Македонија. Во аналите на клубот е запишано дека во 1994 година играл во Купот на европските куп победници, следната година и во квалификациите во Купот на европските шампиони. Во Кумровец 1968 година Борец играше во финалето на Купот на Југославија против Партизан од Бјеловар, загуби со 25:13. Беше член и на Првата лига на поранешна Југославија 1967 и 1968 година. Но тоа беше некогаш, денес неговите ракометари не можат да постигнат гол цели 30 минути. Го допреа веќе дното на ракометот во нашата држава.
Дресот на Борец во тоа време и подоцна го носеа познати ракометни имиња од Македонија предводени од легендата на спортскиот Велес, Пепи Манасков, потоа Миле Кратовалиев, Ѓорѓи Гајдов, Пеце Димитровски, Ангел и Љубе Кирков, Сотир Баљуковски, Петре Тутарков, Тодор Мијаков, неговиот дрес две сезони го носеше и нашиот најдобар ракометар Кире Лазаров. Затоа е и потребно градот Велес да му помогне на Борец го заслужува тоа.
Прелистувајки ги веќе избледените страници од весниците, пронајдовме уште неколку постигнати високи ракометни резултати, кои сигурно заслужуваат да се одбележат и да се најдат во македонската книга на Гинисови рекорди, кои ќе бидат објавени на ЕКИПА наредниот период.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

